Шестиот антикризен пакет, во кој има и мерки за туристичко-угостителскиот сектор, ќе биде разгледан на денешната владина седница и во текот на денот се очекува да биде презентиран пред јавноста.

Владата денес ќе го разгледа шестиот пакет мерки за антиковид, во кој има решенија и за угостителите, и набрзо во текот на денот заедно со министрите од екномските ресори ќе објавиме како ќе изгледа мерката и што тоа ќе значи за овој сектор – најави министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција во Владата, коментирајќи го денешниот протест на туристичко-угостителскиот сектор.

Бесими уверува дека има пари во Буџетот за реализација и на петтиот и на шестиот пакет мерки, а со ребаланс ќе се реагира за консолидирање на буџетот за целата 2021 година.

Се реагира навремено и потаргетирано во однос на ефектите од кризата. Како Влада ги следиме бројките во економијата и реагираме со соодветни мерки. И во однос на Буџетот соодветно се реагира со цел да може тој да се финансира – рече Бесими.

Во однос на тоа дали се размислува за продолжување на мерката за финансиска поддршка на плати со оглед на тоа што во март 54.662 работника не земале плата, Бесими со став дека се следи ситуацијата и ќе се реагира во зависност од потребите. Комплементарна мерка, вели, е мерката за бескаматни кредити со грејс период од 12 месеци на Развојната банка за која детали ќе бидат дополнително соопштени.

Во овој момент не можам да кажам дали ќе има мерка за плати. Ќе следиме спрема потребите и така ќе реагираме. Мерката на Развојната банка е многу слична на оваа мерка. Со оваа кредитна линија имаме 12 месеци грејс период и дел од кредитот ќе стане грант така што наместо да се врати наеднаш, тие што ќе инвестираат, делот што треба да го вратат, ќе го вратат како кредит. Значи ако гледаме финансиски, тука има и некои предности – рече Бесими на прес-конференцијата на која заедно со директорката на УЈП информираа за деталите околу мерката за исплата на плати за февруари и март за која законот беше во неделата донесен од страна на Собранието.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.