Пензиите ќе се исплаќаат редовно, а во јануари пензионерите ќе го добијат и законското усогласување, односно минималната пензија ќе биде зголемена за 134 денари, а просечната за 185 денари, најави вечерва министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

На гостувањето во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24, Шахпаска рече дека и понатаму ќе се исплаќаат пензиите при крајот на месецот со цел да се заштитат пензионерите поради пандемијата.

Со пензијата за јануари, која ќе биде исплатена на крајот на јануари, ќе го добијат успгласувањето по закон и тоа ќе значи зголемување на минималната пензија за 134 денари месечно и зголемување на просечната пензија за 185 денари месечно, појасни Шахпаска.

Рече дека не се планира пензиите да се зголемуваат линеарно како што тоа беше пракса за време на претходната власт.

За законското решение за пензионирање со 64 години старост и 15 години стаж кое е заглавено во Собранието, министерката Шахпаска рече дека владејачкото мнозинство прави напори да се одблокира работата.

Имам сознанија дека колегите од владејачкото мнозинство правале напори да се одблокира ова законско решение, меѓутоа претседателот на комисијата е од опозицијата така што динамиката на одржување на седниците и ставањето на точките на дневен ред е во рацете на опозицијата, истакна Шахпаска.

За законот за откуп на стаж, министерката рече дека тој е дел од владината програма, но оти нема рок кога ќе биде донесен.

Законот за откуп на стаж е дел од владината програма, но во неа не е ставен рок кога треба да биде донесено тоа законско решение. Во моментот во Министерството се работи на два системски закони и тоа Законот за работни односи и Законот за заштита при работа, рече Шахпаска, која очекува овие два закона да бидат донесени годинава.

Од Сојузот на синдикати на Македонија апелираа до партиите да не ги кочат законите кои се важни за работниците и побараа да присуствуваат на собраниските комисии на кои се расправа за овие закони. Забелешки имаат и за начинот на кој се креираат законските решенија.

Иако беше јасно и јавно кажано дека најголем дел од предлозите на ССМ се прифатени, ситуацијата не е таква. Ние доставивме предлози за старосна пензија по работен стаж. Тука го опфативме сегментот на враќање на старото законско решение одење во пензија со 64 години. Но, нашиот предлог за овозможување на докуп на стажот, иако беше прифатен од Владата, сега слушаме дека ќе се одолговлечи, истакна Слободан Трендафилов од ССМ во онлајн вклучувањето во емисијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.