Владата на Република Македонија заслужува признание за политиките што ги презеде и за начинот на кој се справуваше со предизвиците од пандемијата со Ковид-19, беше заклучено на денешниот онлајн состанок што министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска го одржа со претставници на Мисијата на Меѓународниот Монетарен Фонд.

На состанокот се разговараше за предизвиците со кои се соочува нашата држава, особено во контекст на пандемијата со Ковид-19, како и за процесите за справување со неформалната економија, растот на минималната плата и новото законско решение за работни односи.

Зачувување на секое работно место, помош на најранливите категории на граѓани преку олеснувањето на пристапот до гарантирана минимална помош и шесте пакети економска помош за граѓаните и за компаниите беа од клучно значење за пребродување на периодот на кризата предизвикана од Ковид-19. Успеавме да зачуваме 80 илјади работни места што е од огромно значење, нагласи министерката Шахпаска.

Претставниците на мисијата на ММФ оценија дека Владата на Република Македонија заслужува признание за политиките што ги презеде, како и за начинот на кој се справуваше со предизвиците кои ги донесе пандемијата од Ковид-19.

Министерката Шахпаска изрази уверување дека крајот на пандемијата не е далеку, имајќи ја предвид и масовната вакцинација на населението, по што со уште поинтензивно темпо ќе продолжи процесот на заздравување на економијата.

Анализите покажуваат дека има напредок на економски план, но и во делот на пазарот на труд. Економскиот раст се покажа отпорен, иако со пониска просечна стапка во споредба со периодот пред глобалната економска и финансиска криза. Трендовите на пазарот на трудот во однос на работоспособното население, во изминатиот неколкугодишен период, исто така се свртеа во позитивна насока, со растечки стапки на активност, подобрени стапки на учество на бројот на вработените во вкупното население и опаѓачки стапки на невработеност, посочи министерката Шахпаска.

Во делот на состојбите на пазарот на труд, министерката Шахпаска информираше дека стапката на вработеност  бележи тренд на раст, односно  од 44.1% во 2017 година, во 2020 година вработеноста се зголеми за 3.1 процентни поени и изнесува 47.2%. Додека пак, стапката на невработеност во 2017 година која  изнесуваше 22.4%  до крајот на 2020 година е намалена за дури шест процентни поени, односно изнесува 16.4% , достигнувајќи и вредности од 16.1% и 16.2% во текот на 2020 година.

На прашањето во врска со растот на минималната плата во земјава, министерката потенцираше дека и во услови на пандемија работниците го добија законското усогласување кое им следува и информираше дека минималната плата денеска изнесува 54% од просечната плата во земјава.

На тема неформална економија и што прави државата на ова поле, министерката Шахпаска го  истакна променетиот пристап на Владата за намалување на неформалната економија и имплементација на Стратегија за формализација на неформалната работа за периодот 2018-2022 година.

Главни приоритети се формализација на неформалната економија преку унапредување на процесот на мерење, следење и детекција на неформалната економија, подобро деловно окружување за основање, раст и развој на компаниите, стимулирање и поддршка на формализацијата на неформалните економски активности како и јакнење на даночниот морал и намалување на толеранцијата кон неформалната економија, информираше таа.

Министерката Шахпаска информираше и за новата законска регулатива за работните односи на која работи Министерството за труд и социјална политика заедно со претставници на работниците и на работодавачите.

Новиот закон, најави министерката Шахпаска, ќе биде во согласност со меѓународните директиви и стандарди и, меѓу другото, ќе ги уредува и прашања за сезонската работа, работата од далечина, родителското  отсуство, институтот еднаква плата за иста работа на жените и мажите, како и договорите на определено време.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.