Текстилната индустрија ќе ја преживее зимава, но изгледите од потреси напролет се големи со оглед дека нивните европски партнери може да ги намалат нарачките за следната зима, пишува Слободен печат.

Партнерите на нашите текстилни компании се главно во Германија, или 70 отсто од произведеното во земјава оди на тој пазар. Се зголемува стравувањето кај нашите фабрики за тоа како Германија и другите европски земји ќе ја поминат зимата и како тоа ќе се одрази врз нивното работење.

Од секторот велат дека високата цена на струјата го почна затворањето на фирмите, но доколку се случи намалување на нарачките за следната зима процесот на затворање на фирмите и отпуштање од работа ќе биде неминовен.

Кај нас проблемите доаѓаат 6 месеци подоцна отколку кај другите сектори бидејќи работиме по сезони. Така беше и во ковид кризата во 2020 година. Кога сета индустрија во 2021 година тргна напред, кај нас се почувствува одгласот на кризата од претходната година. Летово работевме за оваа зима, имавме нарачки, но некаде во март-април кога почнуваме да работиме за следната зима може да биде критично за компаниите, ако европските земји оваа зима лошо ја поминат. Сѐ зависи од тоа колку состојбата во Европа и посебно Германија ќе биде лоша и како тоа ќе се одрази на потрошувачката на домаќинствата таму. Од тоа зависат и нивните нарачки за следната зима. Ако бидеме принудени да го намалиме или целосно да го запреме производството секако ќе има и отпуштања – вели Ангел Димитров од конфекцијата „Мода“ од Свети Николе и претседател на Здружението на текстилна индустрија во Стопанската комора.

Според него, состојбата со струјата, моментално е непроменета во однос на јули и сметките за струја на компаниите во текстилната индустрија се со цена од околу 600 евра, но Димитров очекува владата да обезбеди струја со пониска цена со што и трошокот би се намалил.

Ние не сакаме бесплатно да добиваме струја, туку таа да има некоја нормална цена од околу 300 евра. Се надеваме дека владата ќе обезбеди таква струја. Ако не биде така, не знам колку од компаниите со цена повисока од таа ќе можат долго да издржат – додава тој.

Маријана Перковска од текстилниот кластер алармира дека секторот уште од сега не може да го издржи притисокот на цената на струјата, а намалените нарачки само се сигнал дека голем број компании ќе затворат. Таа смета дека сликата од пандемската 2021 година во текстилната индустрија, кога една третина од вработените беа отпуштени, ќе се повтори.

Случувањата во Европа, посебно во Германија ќе имаат големо влијание во земјава бидејќи најголем дел од производството оди токму во оваа земја. Компаниите и сега не можат да ги издржат трошоците поради високата цена на струјата и високиот удел на издатокот за плати. Ако нема и работа поради намалената побарувачка на производите тоа ќе значи затворање на компаниите. Моментално имаме затворени неколку фирми во секторот со по 100 и 200 вработени и тука нема да запре овој процес. Дел од компаниите нема да ја издржат зимата – вели Перковска.

Целиот текст на линкот



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.