Наместо да се воспостави квалитетен систем за евиденција на вработени во јавната администрација со што требало да се зголеми нивната ефикасност, залудно се потрошиле милиони, а системот сепак не функционира, утврдил Државниот завод за ревизија во извештајот кој се однесува на Министерството за информатичко општество и јавна администрација. Во извештајот ревизорите изразуваат сомнеж во фукционалноста на таканаречениот „Интергиран систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР) кој првично бил набавен во 2014 година и за него тогаш се платени два милиони евра, но се уште влече пари за наводно негово одржување и развивање.

Системот кој е предмет на анализа  е сочинет од четири интегрирани eлементи, за персонална евиденција, пресметка на плата, генерирање извештаи и за управување со учиинок. Ефектот од овој систем требало да е прецизен регистар на вработените во јавниот сектор, да се подобри ефикасноста на администрацијата, да има точни информации за вработените и да се намалат трошоците поврзани со вработените. Сепак ништо од тоа не се постигнало. Напротив и покрај постоењето на системот, Министерството за информатичко општество составувало Годишен извештај за администрацијата кој не содржел исти податоци со тие од ИСУЧР.

Според овој систем во 2018 година има 1.310 државни институции со пријавени 78.320 лица вработени во нив, додека во Годишниот извештај што го изготвило Министерството било напишано дека има 1.314 институции со 132.068 лица кои се во работен однос – се вели во извештајот на ревизорите.

Тие утврдиле дека разликата е видлива и дека се јавува само поради тоа што во системот не се внесувале податоци. Во дури 201 институција немало внесено ниту еден вработен.

Сепак за системот кој не функционирал уште од почетокот, дополнително биле потрошени пари. Така Заводот за ревизија утврдил дека само во 2018 година овој систем ја чинел државата 343 илјади евра. Годинава пак ќе се трошат нови пари за истиот систем, на што алудира објавениот нов тендер за подобрување на функционалноста на системот вреден над 810 илјади евра.

Ваквата состојба упатува на тоа дека основните цели за кои е воспоставен ИСУЧР не се реализираат согласно утврдената динамика, а за воспоставување и одржување на истиот во изминативе четири години се направени значајни расходи. Ревизијата укажува дека во февруари 2019 година Министерството објавило оглас за доделување јавна набавка за модернизација на веќе постоечкиот информациски систем за управување со човечки ресурси, со кој помеѓу другото, се планира и воведување на нови функционалности и развивање на нов модул за управување на работени процеси на проценета вредност од 50 милиони денари. Во периодот на известување, јавната набавка се уште не е завршена – пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.