За три месеци 3 ума – премиерот прво најави мерки со кои ќе ја искоренува лошата навика на работодавачите да исплаќаат плата во плик, па потоа се премисли, или како што вели самиот „изгелда многу зборувам на тие интервјуа, па после се фаќате“.

Во интервју дадено еден ден откако Владата на седница го утврди предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Македонија, Заев рече дека давањето плата во плик не е кршење на закон.

Во јули годинава Заев рече дека платата во плик го намалува минималецот, па државата треба да направи соодветен чекор за да ги мотивира сите да ги даваат бруто-платите во цел износ.

Со тоа ќе им помогнеме на деловните луѓе да имаат помали издатоци со тоа што државата ќе направи свој исчекор, а работниците да земаат повисоки просечни плати. Истовремено тоа ќе значи зголемено полнење на фондовите за здравство и пензиско осигурување. Верувам дека минималната плата може да порасне повеќе од 13.000 денари, преку легализација на нелегалниот дел, но и преку помагање од страна на државата преку придонесите за сите кои ќе одлучат да ги зголемат платите на своите работници. Најголема придобивка ќе имаат работниците, но и државата ќе си го легализира делот кога се дава кеш плата или плата во плик, појасни Заев и потенцира дека мерката ќе важи за сите во државата.

Тој посочи дека околу 35 отсто од платите во државата се даваат на рака и во кеш, па целта на државата да се елиминира плаќањето во кеш, поради што доцнеше зголемувањето на минималната плата најавено за јули.

Сега Буџетот е ликвиден, финансиски е стабилен и може да си дозволи алокација на 40 милиони евра или 2 милијарди и 400 илјади денари за супституирање на придонесите за да се овозможи пораст на платите. Зошто? Затоа што наместо да даваат пари во кеш како дополнување на платата на работниците, за да ги мотивираат, да ги задржат, работодавачите не ја даваат целата бруто плата, зашто вкупно придонесите на бруто плата изнесуваат 47 отсто заедно со персоналниот данок. Односно, на 20.000 денари, нето плата, во државата, се плаќа 9 илјади и 470 денари севкупни давачки, персонален данок, пензиско, здравствено и социјално осигурување. Целта е навистина да ги демотивираме на ваквото давање на пари во кеш. Со новата мерка што ќе ја предложиме, тие ќе платат само 11 проценти персонален данок, а другиот дел, пензиско, здравствено и социјално осигурување, државата ќе го покрие. Вработените ќе добијат повисоки нето плати и ќе бидат мотивирани да останат на работа. Тоа е мерка која ќе придонесе кон мотивацијата и младите луѓе, и сите други, да останат во државата зашто платите ќе растат. Имаме таков капацитет, образложи премиерот Заев во август на собраниската седницата на која се расправаше за избор на двајца нови министри и тројца заменици министри.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се ширеше информацијата дека новата министерка за финансии Нина Ангеловска е бизнисменка која на вработените во својата фирма им исплаќа минималец и плата во плик.

Пред три години истото се пишуваше и за фирмите на Заеви, кои пишувањата на „Република“ не ги демантираа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.