Оштетените штедачи на Еуростандард банка преку соопштение се јавија со свој став за пропаѓањето на банката. Тие објаснуваат дека во оваа, како што ја нарекуваат сезона на
„Пропаѓање на Еуростандард банка“ во којашто покрај главните актери кои во секоја епизода од серијалот учествуваат, се појавуваат и нови актери, до вчера во споредни улоги.

Се очекува сезоната да биде најгледана и најпопуларна до сега, бидејќи од сумите наведени во дејствието можат да позавидат и познати светски криминалци и серијали. Нема да бидеме изненадени ако оваа сезона од серијалот биде номинирана и за една од престижните филмски награди оваа година.
Во случај да публиката сеуште не може да ги препознае главните актери во оваа сезона, се надеваме дека после ова соопштение никој нема да остане анонимен од нив и дека секој ќе си ја добие заслужената слава, а и се надеваме и една од престижните награди.

Главната улога во секоја епизода на овој серијал којшто трае од формирање на нашата држава и банкарски систем таков како што го знаеме, е никој друг туку НБРМ со сите останати споредни улоги кои го подржуваат главниот актер во неговите дејствиа во текот на целиот серијал. Во оваа сезона можеме да видиме дека е вклучен и меѓународен талент кој е повикан да го поддржи дејствието на истиот.

Нормално, во секоја сезона од серијалот има еден актер кој исто така е во главна улога на сезоната и од почеток е „жртва“ на дејствијата на главниот актер од серијалот и врз кого е нанесена навидум неправда, за да на крај се испостави дека токму таа жртва е соучесник во дејствијата.

Како и во секоја сезона имаме и актери кои се колатерална штета на дејствијата на главните актери и тие на моменти, како статисти во позадина, само допринесуваат да дејството биде посликовито и попривлечно на око.

Драга наша публико, се надеваме дека ќе уживате во оваа сезона и дека конечно оваа година можеби и оваа наша држава ќе се израдува на престижната филмска награда наречена „Оскар“, зашто ако „Медена Земја“ незаслужено не ја освои, оваа година повеќе од заслужена ќе биде победата. Впрочем, на вакво дело би можеле да позавидат и најголеми филмски имиња, а на глумата на актерите богами и најпознатите светски актери!
Во наредниот период Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка најпосветено ќе се обиде со соопштенија во медиумите да го опише дејствието на оваа сезона, епизода по епизода во детали, од кои многумина нема да останат рамнодушни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.