Тенко, тенко, да се искине. Вака може да се опише македонскиот стандард, притиснат од галопирачката инфлација. Поскапувања има секој ден, како на храната, така и на сите останати производи. Цената пак на горивата е посебна приказна. Тие се вивнаа до небо, па сега цените на дизелот и бензините во Македонија „опасно“ се приближени до цените, на пример во Грција.

Така во Грција литар бензин Еуросупер 95, се точи за 2.359 евра за литар(145 денари), бензинот Еуросупер 98 чини 2.479 евра(152денари), а дизелот 1.998 евра за литар(122 денари).

Во Македонија пак денеска малопродажната цена на дизелот од денеска изнесува 104,5 денари, Еуросупер 98 се продава по 112 денари за литар, а Еуросупер 95 за 110 денари по литар.

Цените на горивата во овие две земји никогаш не биле поблиски, а платите никогаш не биле подалечни. Така додека граѓаните на Грција и Македонија возат на приближно исти цени, разликата во платите е скоро тројна. Имено ако во Македонија минималната плата изнесува 18.000 денари, во Грција минималната плата изнесува 713 евра или 43.850 денари. Разликата во примањата е повеќе од очигледна. Македонскиот кревок стандард се потешко се справува со растечките цени кои го урнисуваат и буткаат се поголем број на семејства во сиромаштија. Луѓето се откажуваат од многу работи кои порано ги користеле или правеле, се со цел некако да го врзат крајот со почетокот на месецот. Некои македонски семејства се откажуваат од летување, но дел од оние кои сепак решија да одмараат во Грција велат, задоволни се од цените, зошто очекувале поголеми поскапувања, имајќи предвид какви доживеале дома.

На Јонскиот брег работите останале исти. Покрај белиот песок и неверојатната сина боја на морето, пијачката во Врахос доаѓа со гратис лежалки. Фрапето чини 2.50 евра со шише вода.

На краците цената на кафето е меѓу 3 и 3.50 евра, но исто така на повеќето места не се плаќа за лежалки.

Гиро-питата се движи од 3.50 до 3.90 евра.

На групите за споделувања искуства како „Live from Greece“ и „Grcka info“, српските туристи коментираат дека токму поради тоа што цените на горивата во Македонија стигнаа до нивото на Грција, веќе немаат потреба да ги полнат резервоарите во Куманово или во Гевгелија, зошто разликата во цената е минимална.

Кога на овие трошоци ги додаваат и патарините, голем дел од оние кои ќе летуваат на Тасос, Кавала или Халкидики, велат дека ќе транзитираат низ Бугарија, што годинава им личи на поисплатлива варијанта

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.