Носителката на листата на Коалицијата „Можеме“ во ИЕ 2, Сања Лукаревска, денеска од Куманово порача дека и по 15 јули ќе продолжат да работат за подобар живот и дека тој ден ќе биде ден на изборна победа на СДСМ и Коалицијата „Можеме“.

Во изјавата за медиумите, Лукаревска рече дека градат европска држава во која секој граѓанин живее од трудот, а животот за луѓето е на прво место. Во наредниот мандат, додава се обезбедува уште поголема поддршка за граѓаните.

Единаесет години ВМРО ДПМНЕ манипулираше со социјалната помош, ја држеше на недостоинствен минимум и ја злоупотребуваше. За три години, СДСМ, социјалната помош ја зголеми за 300 проценти, воведе детски и образовен додаток, вели Лукаревска.

Таа најави дека во новиот мандат, ќе обезбедат повисока социјална помош за 34.000 домаќинства и детски додаток за 65.000 деца.

Го решивме проблемот со стечајците кои ВМРО ДПМНЕ ги искористи и ги заборави, рече Лукаревска, нагласувајќи дека 12.000 стечајци користат месечен надоместок од осум илјади денари, а наскоро ќе добијат домашна платежна картичка од 9.000 денари.

Таа додаде дека и во време на коронакриза парите се враќаат назад кај граѓаните – 28 милиони евра се вратени кај 324.000 граѓани преку домашната платежна картичка и ваучерот за туризам.

Лукаревска најави дека ќе се зголеми опфатот на корисници на домашна платежна картичка и освен стечајци, картичка од 9.000 денари ќе добијат, пензионерите со пензија до 15.000 денари, самохрани родители, невработените кои не се активни баратели на работа.

Лукаревска вели дека градат држава која е праведна и правна за сите. Таа напомена дека се намалени нотарските и трошоците за извршители, со отписот на камати за долгови на физички лица избришани се 10 милиони евра долгови на граѓаните, казните се намалени до 75 проценти, воведено е пропорционално казнување.

Нема да дозволиме никогаш повеќе државата и институциите да ги плашат граѓаните, да ги уценуваат, да ги крадат. Тие се тука за вас да ви служат, нагласи Лукаревска.

Таа ги повика граѓаните на 15 јули да гласаат за СДСМ и коалицијата „Можеме“ и да го заокружат бројот 3.

Ние покажавме каква држава сакаме, модерна праведна држава која ќе дава шанса и која се грижи за секој свој граѓанин да излеземе на избори затоа што можеме уште повеќе и уште подобро, изјави Лукаревска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.