Самостојниот синдикат при Водовод и канализација реагира: Првиот човек на ССМ „одработи“ за директорот на ЈП Водовод

Економија 20.05.2019 / 13:54

Самостојниот синдикат при Водовод и канализација Скопје во писмено обраќање до јавноста го изјавува својот револт поради потпишаната спогодба за исплата на к-15.

Ви го пренесуваме во целост текстот од реакцијата:

Самостојниот синдикат при Водовод и канализација Скопје при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) има морална одговорност да ја информира јавноста и да упати остра реакција за спогодбата за исплата на к-15 која што во изминативе денови ја потпишаа директорот на ЈП Водовод и претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Имено менаџментот на ЈП Водовод соочувајќи се со голем број на тужби од наши членови за исплата на к-15 кој што согласно Колективниот договор изнесува 24 илјади денари, а кои што тужби веќе почнаа да се добиваат и процесираат, директорот на ЈП Водовод потпиша спогодба со претседателот на ССМ за исплата на К-15 од само 3.000 денари по година за 2016, 2017 и 2018 година. Претседателот на ССМ дрско ги прекрши работничките права за исплата на К-15 и наместо да се засрами од таквиот чин упорно го претставува низ медиумите како успех тоа што наместо 24 илјади денари како стекнато право, сега ќе се исплаќа само по 3.000 денари по година. Па ние се прашуваме чии права брани првиот човек на ССМ, по чија нарачка работи и чии желби исполнува?

Ова е порака и пример даден од претседателот на ССМ како треба да се исплаќа К-15 онаму каде што работодавачите имаат обврска да исплаќаат К-15, што значи дека паднаа маските на првиот човек на ССМ, дека е борец за работничките права.

Ние како вистински застапници на работниците нема да застанеме тука и да се помириме со овој срамен чин на претседателот на ССМ, туку напротив ќе продолжиме по судски пат да си ги бараме нашите права, бидејќи спогодбата е ништовна и не произведува правно дејство ретроактивност и секако да ги заштитиме сите работници од ваквиот начин на манипулација од страна на сите квазисиндикалци.

Јавно се обраќаме до сите тела на ССМ да го повикаат нивниот претседател на одговорност, затоа што повикувајќи се и борејќи се за исплатата на К-15 во реалниот сектор на начинот на кој што пропишува општиот колективен договор за стопанисувањето, претседателот на ССМ очигледно застанува на страната на работодавачите и ги урнисува работничките права и прави една голема манипулација со синдикатот и работниците што членуваат во него.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.