Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци со одредени измени влегува во Собранието и тоа со европско знаменце. Со најновите измени Законот им овозможува на играчите во овој бизнис да го извезуваат сувиот цвет од канабис и без да го екстрахираат во масло, како што е засега единствено дозволено. Во пракса тоа значи дека потенцијалот за извоз се зголемува и со проширена листа на извозни пазари на која, освен земјите што легализираа медицинска употреба, дозволија и рекреативна употреба на марихуаната, бидејќи законот не го ограничува извозот по тој основ.

На новиот Закон реагираа активисти и здружението Билка

Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА со жалење ја информира јавноста дека во Собранието на РМ е пристигнат Законот за контрола на опојни дроги кој го третира медицинскиот канабис и во кој не се инкорпорирани забелешките на БИЛКА и останатите активисти. Направени се ситни шминкерски измени, односно банкарската гаранција од првичните милион евра е намалена на половина милион, и бројот на вработени од петнаесет на пет и толку. Наместо Законот да се сконцентрира на тоа што е и целта на легализација на канабис во медицински цели-обезбедување на легални производи од канабис, концентриран е на извозот на цвет, бидејки очигледно само бизнис ги занима дур умираме и не апсат. И крајно безобразно и со злоупотреба, Законот е поднесен со европско знаменце со злоупотреба на Директива на ЕУ за психотропни супстанци што нема допирна точка со нашиот закон!!!- укажуваат од Здружението Билка.

Законските измени во насока на ослободување на извозот на сув цвет од канабис како суровина доаѓаат на барање на производителите од оваа индустрија, чиј бизнис е закочен бидејќи немаат услови за производство на масло од оваа билка. Според последните податоци од Министерството за здравство, досега 20 компании имаат добиено лиценци за одгледување на канабис за медицинска употреба. Тоа значи дека нивниот број, секоја година се дуплира. Неофицијално, интересот за овој бизнис е и многу поголем, ако се има предвид дека уште триесетина фирми веќе имаат доставено барања за лиценци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.