Речиси две години од почетокот на пандемијата со Ковид 19, состојбата продолжува да ги акцентира нееднаквостите во сите сфери на живеењето, а родовата нееднаквост станува уште понагласена, велат од Реактор – Истражување во акција.

Од Реактор велат дека во просек жените во Македонија извршуваат 72,5 отсто од вкупната неплатена работа за грижа, додека придонесот на мажите едвај надминува една четвртина од вкупниот обем на работа. На дневна основа, во споредба со мажите, жените трошат 18 пати повеќе време за миење садови, 12 пати повеќе време за чистење, 9 пати повеќе време за готвење и 3 пати повеќе време за грижа околу децата.

Официјалната статистика за Македонија, според спроведените анкети за користење на времето, понатаму ја потврдува стереотипната родова поделба и покажува дека во просек мажите трошат повеќе време на платена работа (вработување), додека жените посветуваат повеќе време на неплатена работа за грижа. Во еден работен ден, во просек 70,9 отсто од времето поминато на работа за мажите се компензира со плаќање, додека само 37,6 отсто од времето што жените го поминуваат на работа е платено“, се наведува во соопштението на Реактор.

Во однос на за балансирањето на одговорностите меѓу родителите, од Реактор велат дека сегашното законодавство не дава можност за заеднички модели на родителско отсуство, кои ќе ја земат предвид улогата на двата родители во грижата и воспитувањето на децата и ќе овозможат споделување и комбинирање на родителско, татковско и породилно отсуство според потребите на родителите, како на мајките така и на татковците.

Во оваа насока, неодамнешната студија на Реактор која се фокусира на искуствата и ставовите поврзани со учењето на далечина во основните и средните училишта потврдува дека жените, односно мајките/женските старатели биле убедливо примарните негуватели за нивните деца додека училиштата беа затворени (поради ковид-19 пандемијата)“, посочуваат од Реактор.

Доколку неплатената работа за грижа од страна на жените во Македонија се вреднува со минимална плата, таа би имала монетарна вредност од 1,917,895,508 € , што е 17,18 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на Македонија за 2019 година.

Имајќи го предвид сето ова, време е конечно да ја препознаеме вредноста на неплатената грижа и да почнеме да се грижиме за неформалната економија на грижа“, се заклучува во новата студија на Реактор – Истражување во акција насловена МАЖИТЕ И ГРИЖАТА (МИГ): ГРИЖЛИВ МАСКУЛИНИТЕТ ВО МАКЕДОНИЈА – НАЦИОНАЛЕН ИЗВЕШТАЈ.

Станува збор за сеопфатен извештај кој, меѓу другото, ги разгледува и родовите јазови во платената и неплатената работа, и се осврнува на мажите и грижата, како и политиките за родителско и татковско отсуство.

Студијата уште еднаш потврдува дека се неопходни итни промени во националното законодавство и законите треба подобро да го препознаат споделеното родителско отсуство што ќе им гарантира и на жените и на мажите право на родителско отсуство заради грижа околу децата во раните месеци, а се акцентира и неопходноста од воведување на родово посензитивни политики коишто ги земаат предвид и мажите кога станува збор за грижата за децата.

Истражувањето нагласува дека државните и приватните политики треба да се насочат кон создавање работни средини кои промовираат и поддржуваат иницијативи за рамнотежа помеѓу работата и животот, како што се воспоставување установи за згрижување деца (градинки) во рамки на работните простории, флексибилни работни аранжмани, двојно родителско отсуство, безбеден, достапен јавен превоз, пристап до центри за одмор, рекреација и спорт итн.

Ваквите политики можат значително да го подобрат квалитетот на животот на луѓето, но и нивниот придонес кон општеството и работата, се заклучува во студијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.