Независниот ревизор се воздржува од давање мислење за финансиското работење на АД Водостопанство- Скопје, заради бројни недостатоци, нејаснотии и пропусти во работењето во 2021 година и тоа за годината во која оваа државна фирма, од централниот буџет добила над 2 милиони евра поддршка. Извештајот на независната ревизија во државното „Водостопанство“ објавен е страната на Македонската берза за хартии од вредност.

Во образложението на независната ревизија на А&БА Гроуп Дооел Скопје,  која требало да го анализира работењето на „Водостопанство“ пишува дека тие не можеле да дојдат до финансиските извештаи на компанијата, поради што и не можат да судат, како било работено таму. Највознемирувачки од се е што независните ревизори се воздржуваат од давање независно мислење. А во основите за воздржување од давање мислење има и повеќе скандалозни работи. Една од нив, на пример, е таа што на крај на 2021 година „Водостопанство“ евидентирало дека на сметките во банките депоненти има на располагање пари и еквиваленти вредни 922.000 евра. Ревизорите, согласно нивните протоколи за работа, се зафатиле со проверка и утврдување на фактичката состојба. Побарале, но не добиле потврди од сите банки дека „Водостопанство“ располага со таа сума на пари. Тоа значи дека тие како независен надлежен мониторинг не можат да потврдат дека парите се на сметки или можеби само фиктивно се на сметка, а всушност не постојат.

Ревизорите се нашле затекнати и во делот кој требало да ги анализира побарувања на компанијата, пријавени од страна на менаџментот на „Водостопанство“. Имено вкупниот износ пријавени побарувања изнесува 8 милиони евра. Кога ревизорите почнале да прават проверки, не им биле дадени соодветни податоци за старосната структура на побарувањата. Кога малку поаналитички почнале да истражуваат, утврдиле дека само правни лица на „Водостопанство“ му должат 3,34 милиони евра повеќе од три години, што пак според сметководствените стандарди се побарувања чија наплата е тешка и помалку веројатна. Тоа повлекува резервации на средства кои никогаш не се направени. А токму тоа може во значајна мерка негативно да влијае врз финансиската состојба на оваа државна компанија која е целосно зависна од државното финансирање.

Згора на се „Водостопанство“ одбило да им даде документација на независните ревизори кога барале податоци за судски спорови кои се водат против фирмата, со цел да утврдат дали има потреба од резервации на дополнителни средства кои може да треба друштвото да ги плаќа како резултат на идни изгубени судски спорови.

Она што најмногу ги кочело ревизорите во извршување на нивната работа е што тие ангажирани откако завршил пописот на средства и обврски, при што не биле во состојба да се уверат во состојбата и количините за залиха. Сето тоа овозможило да не може да се утврди дали се потребни корекции на извештаите за сеопфатна добивка, за состојба, за парични текови како и за промени во главнината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.