Тегла домашен ајвар годинава ќе чини барем десет денари повеќе од лани. Ова го покажуваат пресметките на денар.мк според актуелните цени на пиперката. Земјоделците велат дека не очекуваат поевтинување во екот на сезоната која почнува од септември.

Откупната цена достигна 29 денари

Откупната цена на пиперките во моментот изнесува 29 денари. За ова информираше премиерот Зоран Заев кој на својот Facebook профил напиша дека ова значи повеќе пари за земјоделците и повеќе пари за сите.

„За 93% е зголемена откупната цена на пиперката, од 15 денари во јули 2015-та година на 29 денари за килограм оваа година. Земјоделците и производството на храна се наш приоритет! Ги зголемуваме приходите кај земјоделците со растот на откупната цена на земјоделските производи“ напиша премиерот на социјалната мрежа.

Сепак, поскапите пиперки можеби се добра вест за земјоделците, но не и за сите граѓани, особено не за оние кои прават зимница.

Градинарите очекуваат високи цени

Производителите на пиперки очекуваат високите цени да останат. Годинава во струмичко се очекува да се наберат 20 до 25 илјади тони ајварка, а од цела Македонија околу 45 до 50 илјади тони.

„Родот е со доста добар квалитет, подобар и од лани. Невремето кое го зафати овој крај во јуни за среќа не предизвика големи штети по пиперките“ вели производител од струмичко.

Земјоделците велат дека оваа цена на пиперката е логична со оглед на големите трошоци за производство и дека пазарот е оној кој утврдува колку ќе чини килограм.

„30 денари можеби е многу за купувачите, но за нас продавачите е и малку. Поскапа е нафтата, поскапо е се. Трудот веќе никој не ни го цени“ вели производител од струмичко.

Тегла домашен ајвар чини околу 80 денари, 10 денари повеќе од лани

И покрај поскапите пиперки домашниот ајвар секако останува најевтината варијанта, ако не се земе предвид работната рака односно вложениот труд.

Пресметките на денар.мк покажуваат дека една тегла годинава ќе чини 80 денари. До оваа сума се доаѓа кога се ќе собере.

Ако килограм пиперки чини 30 денари, а дозата е 50 килограми; само за главната состојка се потребни 1.500 денари. На оваа количина пиперки се потребни околу 20 модри патлиџани кои би чинеле 200 денари. За зејтин треба да се одвојат околу 350 денари колку што чинат 5 литри. Оттука вкупните трошоци надминуваат 2.000 денари. Од 50 килограми пиперки во просек се добиваат околу 25 тегли ајвар, што значи дека една тегла ќе ве чини 80 денари.

Според ланските цени на пиперката пресметката покажуваше дека тогаш тегла ајвар чинела 70 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.