Преку интернет страницата Switch.mk секој може да си најде најповолен снабдувач со струја. Регулаторната комисија за енергетика ја промовираше новата алатка што на потрошувачите ќе им помогне да ги намалат трошоците за струја, но и однапред да ги знаат сите услови што ги содржи договорот за снабдување со електрична енергија.

Разликата од најниската до највисоката понуда е дури 28%, што укажува дека постои значителен потенцијал за заштеда на средства за компаниите. За домаќинствата до овој момент, освен од универзалниот снабдувач, не се објвени други понуди. Тоа е од причина што во оваа фаза од реформата, снабдувачите на слободниот пазар сè уште не можат да понудат пониски цени од регулираната цена на електрична енергија за домаќинствата”, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Според правилата, снабдувачот не може да склучи договор со потрошувачот по цена и услови понеповолни од објавените на оваа интернет страница. Крајната цена за струја што ја покажува алатката ги содржи сите елементи, освен задолжителниот надоместок за јавно осветлување.

“Неколку од клучните поволности се тоа што ја зголемуваат транспарентноста при дефинирањето и утврдувањето на цените на енергијата, им обезбедуваат на потрошувачите одредена корист од конкуренцијата и иновативноста што приватниот сектор може да го понуди на пазарот”, вели Маргарита Липковска Атанасов од УСАИД.

Македонија е прва држава во регионот што ја воведе оваа алатка, а достапна е на македонски, албански и англиски јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.