Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) се подготвува да објави црна листа на снабдувачи со електрична енергија кои не ги почитуваат договорите со потрошувачите на слободниот пазар.

Изминативе месеци цената на електричната енергија на светските берзи е зголемена и дел од снабдувачите поради тоа ги раскинуваат договорите со некои од компаниите пред време и има обиди да фактурираат по нови цени, а тоа не е дозволиво. Ги предупредивме, ќе почнеме и постапки за одземање на лиценци, а и ги разгледуваме можностите за да се објави црна листа за да можат да знаат потрошувачите кои снабдувачи имаат лошо поведение и не ги почитуваат договорите. Снабдувачот е обврзан да му даде услуга на потрошувачот по иста цена по договорот додека трае периодот на префрлување, односно свичинг кај нов снабдувач. Дотогаш не смее да му ја промени цената од договоро – најави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, во „Утрински брифинг“.

Бислимоски уверува дека цената на домаќинствата е стабилна и е гарантирана од страна на РКЕ.

Тој посочува дека во Македонија во моментов има 13 активни снабдувачи, со што Македонија се позиционира како земја со најмногу активни снабдувач во овој дел од Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.