Педесетина огласи за вработување во јавниот сектор во моментов се објавени од страна на Агенцијата за администрација, кои покажуваат дека најмногу луѓе периодов вработуваат општините, по кои следуваат министерствата, па на крајот доаѓаат и јавните установи.

На прво место е Општина Струга на Рамиз Мерко, која објавила оглас за вработување на 30 лица на 29 работни позиции, меѓу кои спаѓаат раководните позиции во одделенијата за даноци и комунални такси, за поддршка на градоначалникот и организација на работата на советот и за меѓународна соработка и европски фондови, а воедно се бараат и повеќе референти и виши референти, како и соработници и помлади соработници за повеќе области.

Понатаму, Град Скопје бара 21 човек за 12 работни места, односно Петре Шилегов бара четворица советници-комунални инспектори, тројца советници-овластени инспектори за патен сообраќај, двајца овластени инспектори за даноци на имот, двајца овластени инспектори за комунални и други такси, двајца инспектори за животна средина, како и по еден соработник за поддршка на процесите во образованието, самостоен референт за документација, помлад соработник за техничка документација…

Општините Карпош и Охрид, пак, предводени од Стефан Богоев и Костадин Георгиевски, се во потрага по 10 вработени, при што Карпош бара раководители на одделенијата за просторно и урбанистичко планирање, за информации на граѓаните и за образование, додека Охрид, меѓу другото, бара раководители на одделенијата за информатичко комуникациска технологија и за туризам.

Исто така, и неколку „помали“ општини одлучиле да ги зајакнат кадровските капацитети, па така Општина Ресен објавила оглас за вработување на раководител на одделение за сметководство и плаќање и за уште седумина лица на разни позиции, додека општините Студеничани, Делчево, Свети Николе вработуваат по едно лице.

Што се однесува до институциите на централно ниво, Министерството за земјоделство раководено од Трајан Димковски вработува 14 лица на исто толку работни места – раководители, советници, соработници, додека Министерството за правда управувано од Рената Треневска-Десковска вработува 9 лица, од кои главно се помлади соработници итн.

Меѓу активните јавни огласи, кои претежно се објавени откако политичките лидери постигнаа начелен договор за оддржување на предвремени парламентарни избори на 12 април, може да се сретнат огласи за вработувања и во градинки и училишта, културни центри, комунални претпријатија…

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.