Владата денеска на седница го разгледа и прифати усогласениот текст на Меморандум за разбирање за развој на железничко поврзување меѓу Република Македонија и Република Бугарија „Скопје-Софија“, што се очекува да биде потпишан за време на заедничката седница на двете влади која ќе се одржи утре во Софија.

Со документот се изразува согласност за формирање заедничка Работна група составена од експерти со соодветен професионален капацитет и експертиза во области како што се управување со проекти, европско и меѓународно право, инженерство и управување со финансии, со цел да се забрза процесот на подготвителните и имплементациските активности за проектот, соопшти владината прес-служба.

Меморандумот, стои во информацијата, е подготвен имајќи го предвид развојот на добрососедските односи меѓу двете земји, како и потребата од зајакнување на економските и трговските активности и ја истакнува заедничката цел за развој на „Проектот за железничко поврзување Скопје-Софија“, кој е од заеднички и регионален интерес и има значително стратешко и економско значење за граѓаните и економиите на двете држави.

Согласно Меморандумот, Работната група ќе се состанува најмалку четири пати годишно на експертско ниво за да работи на напредокот на спроведувањето на проектот.

За железничкото поврзување со Бугарија од наша страна во финална фаза е евалуацијата на понудите од тендерот за првите две делници, Куманово-Белјаковце и Белјаковце – Крива Паланка, а градежните работи се очекува да продолжат напролет, како и да биде објавен тендер за третата делница Крива Паланка-граница со Бугарија. Финализација на севкупниот проект, според најавите, се очекува во текот на 2027 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.