Првата исплата на повратот на ДДВ ќе биде меѓу 1 и 15 следниот месец, за скенирани фискални сметки во првиот квартал од примената на мерката, односно јули, август и септември, најави денеска министерката за финансии Нина Ангеловска. Ќе се доделуваат 10 дневни парични награди во износ од 1.000, 2.000 и 3.000 денари, како и 15 месечни и две главни награди. Вкупната сума по основ на поврат на ДДВ за првиот квартал изнесува три милиони евра, односно по 60 милиони денари за јули, август и септември. Паричните награди ќе се исплаќаат на сметката што е пријавена при симнување на апликацијата.

Инаку, два милиони денари изнесува наградата што ќе биде доделена на компанијата што ќе победи на хакатонот за избор на иновативна маркетинг стратегија за наградната игра „МојДДВ,#МојаНаграда“, што го најавија Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

На денешната инфо сесија со маркетинг агенциите ресорната министерка Нина Ангеловска информираше дека мобилната апликација за поврат на ДДВ ќе биде надградена и ќе има можност да се гледа износот на парите што ќе бидат исплатени, но и преку неа да се пријави кога нема да биде издадена фискална сметка.

Со наградната игра ќе ги стимулираме не само да пријаваат дека не им е издадена фискална сметка, туку да сакаат да инсистираат да ја добијат затоа што фискалната сметка покрај тоа што учествува во повратот е и потенцијален добитник на награда – рече Ангеловска.

Апликацијата Мој ДДВ на месечно ниво ја користат 170.000 граѓани и во просек има околу 8,3 милиони скенирани фискални сметки. Наплатата на ДДВ во првиот квартал од примената на апликација, како што информираше Ангеловска, споредено со истиот период лани е зголемена за 23 проценти, што значи дека мерката ги дава резултатите.

Стратегијата за наградната игра треба да содржи брендирање, предлог концепт, дизајн, креатива, видео концепт, предлог за извлекувањата и прогласување на победниците за наградната игра „МојДДВ, #МојаНаграда”.

Пријавувањето е до една минута до полноќ на 27 ноември, а може да се пријават сите правни лица регистрирани согласно законот за трговски друштва, под услов во тимот, кој може да биде до шест лица, да вклучат и двајца студенти. Тие треба да бидат запишани на студии од областа на економијата, правото, организациски студии, дизајн, односи со јавност, технички науки или сродни студии.

Директорот на Фондот за иновации Јован Депостовски појасни дека одлучиле да организираат хакатон, а не избор на решение преку класична тендерска постапка, со цел да дадат шанса и на младите и иновативните идеи.

Покрај правни субјекти, значи етаблирани маркетинг агенции, очекуваме во секој од тимовите да бидат вклучени студенти. Очекуваме дека добитните решенија зависно од одлуката на Комисијата ќе биде партнерство помеѓу етаблирана компанија и студенти – рече Деспотовски.

Натпреварот ќе трае три дена и ќе се одржи во Министерство за финансии, а на 1 декември ќе биде презентирано најдоброто решение, што ќе го избере Комисија составена од по еден член од Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, ФИТР и професор по маркетинг.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.