Одгледувачите на овци кои денеска одржаа мирен протест пред Министерството за земјоделство, од ресорниот министер Љупчо Николовски добија ветување дека ќе ги разгледа нивните барања, но дали и кое од нив ќе биде исполнето, ќе се знае по 20 јануари.

Тогаш Николовски треба да ги посети овчарите во Велешко и да ја соопшти владината одлука.

На средбата беше договорено по 20 јануари министерот да дојде во Велес и да ги соопшти решнијата. Дотогаш го ставаме протестот во мирување. На средбата ги повторивме нашите барања: 1.500 денари субвенции за грло овца и 1.000 за оставено женско јагне, како и поддршка од државата ако откупната цена на јагнето е пониска од производната, изјави за МИА Митко Јанков, одгледувач на овци од Велес.

Овчарите речиси веднаш откако пристигнаа пред Министерството, беа примени на разговор кај министериот Николовски. На средбата присуствуваше и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски. Тој информирал дека субевнциите за органското производство и за млекото од 2017 година се веќе пуштени и треба легнат на сметките на земјоделците идната недела.

Николовски им порачал на одгледувачите на овци дека барањата ќе бидат детално разгледани и веднаш ќе се направат анализи за да се види кое од нив може најбрзо да се реализира со цел да се овозможи рентабилно производство. Исто така, министерот потенцираше дека ќе иницира средба со градоначалниците од сточарските региони за најскоро време да се решат и проблемите што ги имаат одгледувачите на овци во делот на патната и канализациската инфраструктура, информираат од МЗШВ по средбата.

Според Министерството, овчарството е стратегиска гранка поради што ќе преземеме се што е потребно за да се стопира падот на бројот овци.

Предлозите ќе бидат анализирани и ќе видиме кое од предложените барања може најбрзо да се реализира. Веќе работиме на нови мерки за оваа гранка.Од следната година со Програмата за рурален развој е планирано зголемување на сумата за набавка на приплоден добиток од постојните 14 на 60 милиони денари, субвенциите за предадено овчо млеко од годинашните четири денари на 4,5 денари за литар предадено млеко. И следната година во Програмата за финансиска поддршка за 10 отсто ќе бидат зголемени субвенциите за сточарите со развоен потенцијал вклучително и за одгледувачите на овци. Не велам дека ова е доволно, затоа сме тука за да ги слушнеме и вашите предлози и заеднички да креираме мерки кои што ќе го развијат сточасртвото а вие како сточари ќе имате поголеми приходи, им порачал Николовски на одгледувачите на овци.

Повторил и дека од 2019 година преку програмите на МЗШВ за ЈП Пасишта ќе бидат одвоени 24,5 милиони денари за фотоволтаици, поила и корита за летните пасишта (трла) со овци. Од следната година ќе почне и електоронско преобележување на ситниот добиток вклучително и на овците, со што ќе се евидентира точниот број.

За овој потег и сточарите изразија задоволство, бидејќи ова е едно и од нивните барања. МЗШВ работи и на измени на Правилникот со кој е предвидено олеснување на критериумите за отворање мали производни капацитети за преработка на традиционални сточарски производи. Во новиот оглас за мерката „Млад земјоделец“ предност имаат токму младите сточари, вклучително и за одгледувачите на овци, а прв пат се објавија наменски огласи за доделување државно земјоделско земјиште под закуп за производство на добиточна храна до и над три хектари. МЗШВ активно работи на изработка на нов закон за пасишта, со што ќе им се помогне на сточарите во планирањето и организирањето на сточарското производство. Во фаза на обработка се и барањата за исплата на субвенциите за органско производство меѓу кои се и субвенциите за одгледувачите на овци кои имаат органско производство, за што исплатата ќе почне оваа недела. Министерот и претстваниците на здруженијата на одгледувачи на овци се договорија во првиот месец од следната година, повторно да имаат средба на која ќе се резимира имплементацијата на мерките на МЗШВ и на нивните предлози, наведуваат од Министерството.

Овчарите го најавија протестот вчера. Иако утрово се собраа мирно, пред Министерството ги пречека полициско обезбедување. Пред да влезат на средба кај Николовски, се пожалија дека се во многу тешка финансиска состојба и дека се бората за опстанок. Подвлекоа дека не бараат профит, туку егзистенција. Ако државата не им излезе во пресрет, предупредија, Македонија за три години ќе остане без овци.

Субвенциите засега изнесуваат 1.100 за грло овца и 700 денари за оставено женско јагне, а вкупниот фонд овци во земјава, како што посочија сточарите, не е 750.000, туку максимум 450.000.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.