Производители на пролетна зелка денеска со протест со трактори по улиците на градот и со едночасовна блокада на крстосницата кај ТЦ „Глобал“ го искажаа своето незадоволство од ниските откупни цени. Тие бараат зелката да не се откупува под 30 денари за килограм и побараа итна средба со министерот за земјоделство, Љупчо Николовски и Инспекторатот за земјоделство.

Како што кажаа на протестот, договореното од последната средба со откупувачите и Инспекторатот за земјоделство, зелката да се откупува по 20 денари за килограм во текот на оваа седмица сопгласно законот не се почитува и денеска откупната цена е 15 денари.

За да опстанеме и да можеме идната година година повторно да ја засадиме оваа култура откупната цена треба да изнесува 30 денари за килограм.Бараме итна средба со министерот која ќе се одржи најдоцна до недела и доколку не се случи тоа тогаш ќе го радикализираме протестот со блокирање на патишта, рече Васе Панов, производител на пролетна зелка.

На протестот беше кажано дека дел од трговците прават манипулации при откупот, односно се пишува дека зелката се откупува по 20 денари, а се намалуваат килограмите на откупеното и зелката се исплаќа по 15 денари за килограм. Затоа, земјоделците бараат реакција од надлежните за да се спречат таквите манипулации.

Дел од земјоделците реагираа што на протестот не присутвувале поголем број земјоделци кои биле на нивите и според нив барем три денови не треба да се бере зелката и да не се носи на откупните пунктови.

Пласман за зелката има, протестот е насочен кон цената и трговците, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Според него, инспекторите се на терен со цел максимална заштита на производителите.

Го следиме откупот, нема простор за загриженост зашто пласман има. Протест е насочен кон цената и трговците. Инспекторатот ги презема сите мерки и контроли, целосно е фокусиран во Струмичко, во градинарскиот регион за да ги заштитиме производителите. Цената не беше 10, туку 20 денари. Обидите на некои од трговците да биде дополнително спуштена веројатно предизвика загриженост кај земјоделците, но ние сме постојано на терен, ги следиме состојбите и ако треба ќе интервенираме, истакна Николовски, одговорајќи на новинарски прашања по доделувањето на договорите за набавка на педигриран добиток.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.