Општина Струмица е рекордер во трошењата за репрезентација во споредба со останатите општини, потоа следат Струга, Прилеп, Битола и Ѓорче Петров, утврдил Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија во рамките на проектот ПЕП. Истражувањето покажува дека 64 општини во нашата земја за три години вкупно потрошиле 2.220.634 евра, односно во просек, во овој временски период секоја општина потрошила по околу 34 илјади евра, или над 11 илјади евра годишно.

Општина Струмица во последните три години само за гозби останати активности за застапување на институцијата, по угостителски објекти и фирми направила сметка во износ од 230.073 евра. Втора на листата е Струга со 169.648 евра, следена од Прилеп со 161.866 евра, Битола 153.392 евра и Ѓорче Петров 101.535 евра. Додека пак, најмалку потрошила Општина Пласница, 1.155 евра, а до 3.000 евра потрошиле Зрновци, Ранковце, Кратово и Студеничани.

Трошоци за репрезентација по глава на жител (во ЕВРА)

 

За 2018 година, највисок тендер за репрезентација има склучено Општина Ѓорче Петров. Се работи за договор вреден 15.350 евра кој се однесува за печатење на роковници, календари, папки и пенкала што општината го склучила со Друштво за вработување на инвалидни лица, производство, трговија и услуги МАКСТЕН ГРАФИКА ДООЕЛ увоз-извоз Скопје. Инаку, општината со оваа фирма, истата година, склучила договор вреден 43.881 евра за печатење на весници, службени гласници, монографии, плакати и друг вид на рекламен материјал. Додека, во 2019 година за истиот договор се потрошени 2.878 евра.

Според добиените документи од Општина Ѓорче Петров, за 2018 година за репрезентација има потрошено 26.586 евра.

Според правилниците во општините, под поимот „репрезентација“ се подразбираат средства кои се користат за одржување и одбележување на настани, годишници, празници, семинари, работилници, како и настани и активности од интерес на работењето на општините. Средствата најчесто се однесуваат на освежителни и алкохолни пијалаци, храна, карти за спортски и културни настани, подароци за посебни прилики како сувенири, марами, вратоврски, нотеси, канцелариски прибор (пенкала), календари и друг репрезентативен материјал. Во репрезентација вклучени се и организирани посети, работни состаноци со внатрешни соработници и надворешни претставници на делегации, државни институции итн.

Извор: Scoop.mk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.