Апелацискиот суд во Штип ја усвои жалбата на Сојузот на синдикати на Македонија и решението на Основниот суд за предметот преку кој работниците како предлагачи побараа отварање на стечајна постапка над должникот  – фабриката за чевли АД „Баргала“. Сојузот на синдикатите на Македонија преку писмено соопштение информираат дека предметот е вратен на повторно судење во Основниот суд во Штип.

Со Решението, Апелацискиот суд го задолжува Основниот суд во Штип при повторното постапување со сигурност да утврди дали доверителите – работниците имаат доспеани, а неплатени парични побарувања врз основа на важечки основи за плаќање,  дали исплаќал плата во износ и висина утврдена во согласност со Закон и колективен договор и дали должникот е неспособен за плаќање повеќе од 45 дена од која било негова сметка кај кој било носител на платниот промет.

Судијата Емил Пилатов кој во тој период во врска со поднесеното барање за отварање на стечајна постапка во АД Баргала Штип, во изјава за медиумите кратко одговорил : – ,, Нема стечај засега, ќе чекаме Апелација што ќе каже“ го доби одговорот од Апелациониот суд кој Решение ја усвои жалбата на ССМ и Решението на Основниот суд Штип СТ.12/21 го укина и предметот му го  врати на повторно судење заради суштествени повреди на постапката со оглед на тоа што причините се нејасни и контрадикторни врз основа на кој судел Судијата. Иако за сите државни институции и за ССМ, работењето во Баргала АД Штип е скандалозно и без почитување на законите во државата,  судијата Емил Пилатов и привремениот стечаен управник Пепи Панев дозволија да страдаат околу 300 вработени и нивните семејства, оставени без плати, со незаконити отказни решенија и без стабилен статус и егзистенцијална иднина што се потврдува и со оваа пресуда, се вели во писменото соопштение на ССМ.

Посочуваат и се сомневаат на развиена мрежа од поединци судии и стечајни управници кои, како што велат во соопштението слугувале на газдите на АД Баргала и дозволуваат работниците со месеци да гладуваат и покрај решенијата за исплата на неисплатените плати и решенијата за враќање на работниците и работничките на своите работни места.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.