Угостителската индустрија можеби ќе треба да ја преименуваме во камелеон индустрија затоа што секојдневно очекуваме некоја нова мерка кон која треба да се прилагодиме ние но и гостите. Откако е почната пандемијата ние сме постојано соочени со турбуленции. Приморани сме да се прилагодиме и со сервисот на давање услуги, но и со финансиската обврска, задржување на вработените и организација на набавките, вели за „Слободен печат“ претседателот на Угостителската комора, Здравко Јосифовски.

Според него затворањето на угостителските објекти требало да се случи многу порано, за како што смета тој, досега веќе да биде ставен под контрола вирусот, а пролетва да можат граѓаните слободно да се дружат на пијалок или ручек.

Пролетните и летните месеци е изразена желбата за дружење и социјализација, ако порано се затвореа објектите мислам дека веќе ќе го имавме надминато вирусот. Сметам дека мерката е задоцнета, но ја поддржуваме во целост, за разлика од претходно кога имавме забелешки. Дури, и ние препорачуваме мерката да не заврши за две недели, туку да потрае за еден или два месеца затоа што и во интерес на угостителите е да се најде трајно решение за намалување на бројот на заболени од Kовид-19, а во меѓувреме Комисијата за заразни болести да изработи соодветни протоколи за целокупната индустрија, така што кога ќе заврши оваа мерка да ни ги отворат сите дејности и сектори во угостителството со цел да можеме да функционираме согласно протоколите и правилниците кои ќе бидат во тој момент на сила – вели Јосифовски.

Што се однесува на шалтерското работење, претседателот на НУК вели дека е надминат проблемот околу тоа кој се може да работи шалтерски.

Претходно им беше дозволено да вршат достава само на угостителските објекти кои се занаимаваат со служење на храна. Овојпат таа неправда е поправена и без разлика дали станува збор за слаткарница, кафетерија или ресторан, дозволено е да работатат по принципот на take away, односно шалтерски. Но, за заблуда се сите кои мислат дека на таков начин може да се генерира профит – вели Јосифовски

Во угостителската дејност има околу 6.500 регистрирани објекти, но прашање е дали сите ќе успеат да ја надминат кризата. Јосифовски вели дека сите напори да се задржат вработените паднале во вода, бидејќи веќе угостителите немаат ниту од каде да се задолжат за да исплатат плати и придонеси.

Повеќе на „Слободен печат“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.