На вториот ден од буџетската расправа во собранието, пред медиумите се појави Љупчо Пренџов, пратеник на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“.

Пренџов порача дека ако некој ветува нешто на граѓаните се вели не ги слушајте што ветуваат туку гледајте што предвиделе во Буџетот, бидејќи таму се сите проекти кои што би требало да се прават во наредната година.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата на Пренџов во целост.

Јас денеска нема да зборувам дека во последните три години самата Влада си предвидеа две милијарди буџетски дефицити што е огромна сума за оваа држава за ова стопанство, затоа што сметам дека не секој во државата следи финансии и мислам дека граѓаните ги изморивме од тие милиони и милјарди затоа што Вадата се фали дека има одличен Буџет, опозицијата вели дека тоа е спротивно од декларативните заложби на Владата и затоа денес низ бројки ќе покажеме каде сме ние и каде се останатите балкански држави за да знаеме што се случува во Република Македонија.

Ќе почнам со она што сите ние кои што се уште сме останале да живееме во Македонија го создаваме и предвидуваме, а тоа е бруто домашниот производ. БДП според Светска банка за 2022 година треба да има раст од само 3,7% додека во Србија 4,5%, Албанија 3,8%, Косово 4,1%, Црна Гора 5,6% и БиХ со 3%, што според она што го создаваме сите ние заедно сме на дното помеѓу сите балкански држави, а само ќе ве потсетам дека изминатите две години, едната беше ковид година, другата беше пост ковид година.

Но, сме најдобри во инфлација затоа што инфлацијата во Македонија е предвидена да биде од 3,7% , за Албанија 1,8%, за косово 2,1%, Црна Гора 2,3%, Бугарија 0,9% а Грција само 1% инфлација. Повторувам нас ни се предвидува 3,7% инфлација.

Стапката на невработеност за која што Владата честопати зборува, држат прес конференции, официјалните бројки велат дека стапката на невработеност во Македонија е високи 15,9%, додека во Србија 11,1%, во Албанија 11,6%, во Бугарија 5,6% и ова покажува дека сме на дното односно дека имаме највеќе наши сограѓани без редовен работен однос. Тука има и еден друг податок кој што загрижува а тоа е дека согласно Светската банка во извештајот се вели дека најголем пад на вработеноста од земјите во Западен Балкан има токму во Република Македонија.

Кога сме кај индустријата, знаете дека индустријата во месец август има доживеано пад од 1,4% , а само во месец септември и сега имаме пад на индустрија од 8%. Во меѓувреме додека имаме ние пад од 8%, Србија има раст од 9,1%, Албанија има раст од 16,8%, Црна Гора има раст од 8,7%, Бугарија има раст од 9,7%, и Грција има раст од 8,8% што значи дека имаме убедливо најслаба индустрија во регионот.

На крај би сакал да споменам уште една работа за којашто често пати се зборува во јавноста дека имаме галопирачки раст дека блескаме дека имаме успешна Влада, а тоа е дека висината на исплатена нето просечна плата во Македонија. Таа изнесува 464 евра додека во Србија 553 евра, Косово 560 евра, Црна Гора има 530 евра, а Бугарија има 609 евра, што значи дека од сите компаративни анализи кои што живот значат ние сме се најлоши на Балканот и регионот.

Ќе кажам дека имавме и ковид криза и здравствена криза, секаде имаше криза, но ние се справуваме најлошо со пандемијата и овој Буџет кој што сега се предлага наместо да служи за санација и намалување на дел од штетите кои што ги имаме, Владата продолжува со неразумни трошења на партиски вработувања и непродуктивни трошоци“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.