Владата не може, а да не биде задоволна од покажаниот раст на економски план, во текот на 2019 година, оцени денеска премиерот во заминување Зоран Заев по пуштањето во употреба на леарницата „Краунфилд Фаундри” во индустриската зона „Неокази” во Пробиштип.

Лани овој период во декември проектиравме 3,5 проценти раст. Првиот квартал го завршивме со 4,1 процент. Првото полугодие во просек е 3,6, повеќе од просекот. Второто полугодие е повторно3,6, не може да не бидеме задоволни. Четвртиот квартал, во февруари, март се објавува. Верувам дека исто така ќе биде успешен, за да можеме да кажеме дека 2019 година на проектирани 3,5 проценти, а почнати пред две години на минус 1,8 проценти сме ја завршиле повеќе од проектираното и не можеме, а да не бидеме задоволни, рече премиерот во заминување.

Но, потенцира, на овој план треба да се работи, а на постигнатото какошто рече да се радуваме и да се користи за наредната година да биде уште подобра.

Оваа година беше економски добра, како и да е годината ја завршуваме со еден пресек за две годишен период со 60.000 нови работни места. Точно, конретно се знае во која фабрика, во која фирма, во која област се вработени 59.600 граѓани. Тоа се нови квалитетни работни места, рече премиерот во заминување Заев.

Смета дека меѓу успесите во делот на економијата е и зголемувањето на просечната плата за 2.297 денари, а во споредба со претходните две до три години, растот на платите е 800 или 750 денари.

Минималната плата сега почна од 1 јануари со 14.500 денари, дополнително огромни 40 милиони евра сме обезбиделе пари за оваа, но и за следната година , за да ги поттикнеме газдите и менаџерите да ги покачуваат платите, да растат. Инвестираме навистина во човечкиот капитал, рече премиерот во заминување Заев.

Забележа дека повеќе од 14,5 проценти расте севкупната трговија, потоа 5,5 отсто е растот на индустриското производство, а како што наведе Заев, расте и извозот, но и влегуваат нови странски инвстиции. Смета дека како Влада се на вистинскиот пат и во делот на политичките чекори, со кои како што рече, дојде поканата и членството во НАТО.

Верувам дека во догледно време Европската унија ќе си ги заврши внатрешните работи и дебати, за коишто дискутираат. Тоа е новата методологија, идните реформи. Но час поскоро треба да ја исправи историската грешка, којашто ја напрви за нашата земја, вели премиерот во заминување Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев посочи дека станува збор за инвестиција којашто не е трудоинтензивна, односно станува збор за капитално интензивна инвестиција којашто вработува високо стручни луѓе со високи примања.

Станува збор за високо технолошки автоматизирана линија за калапирање, а потоа и леење на челик, од којшто ќе се произведуваат делови коишто се наменети за градежништвото, пред сѐ, за автомобилската индустрија во иднина, како и за други различни намени. „Кранфилд Фаундри“ е извозно ориентирана компанија, што е добро, затоа што ќе носи дополнително додадена вредност во нашата држава“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

Тој дополни дека иако договорот со „Кранфилд Фаундри“ е потпишан во 2015 година, се до 2018 година беше заглавен во административните лавиринти, кога беше и склучен нов анекс договор во согласност со Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска во своето обраќање рече дека со реализацијата на оваа инвестиција, Владата на Република Северна Македонија уште еднаш ја докажа својата темелна посветеност и грижа за странските инвеститори.

Позитивните и евидентни економски промени кои ги направивме, институционалната посветеност и одговорност, стимулативните услови и активните мерки за поддршка на инвестициите, беше причина поради која Компанијата „Кранфилд Фаундри“ одлучи да го прошири првичниот бизнис план за оваа инвестиција со што вредноста на инвестиција се зголеми од 15 на 20 милиони евра и креираше дополнителни нови работни места од проекциите во почетната фаза“, нагласи Апостолска.

На настанот се обрати и Драган Анастасов, градоначалник на Пробиштип, кој рече дека „Кранфилд Фаундри“ отвори можности за вклучување на локалните компании во добавувачкиот ланец на фабриката, што ќе влијае на подигање на животниот стандард на граѓаните од Пробиштип и околината.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.