Земјоделци од повеќе реони и од речиси сите гранки се собраа на предупредувачки протест во центарот на Прилеп. Земјоделците прво маршираа низ булеварот „Гоце Делчев“, а потоа се обратија пред зградата на локалната самоуправа.

Главно, бараат исплата на сите заостанати субвенции, мерки, ковид пакетите за тутунарите и за лозарите, повлекување на законите за зелена такса и за продажба на земјоделското земјиште.

Според Игор Мирчески, координатор на пет земјоделски здруженија проблемите се напластени.

Со неисплатени субвенции, мерки, подмерки, ковид пакети за тутунарите и лозарите, со најави за закони за зелената такса и за продажбата на земјоделското земјиште и со куп проблеми, ситуацијата за земјоделците е тешка. Решивме да го направиме овој предупредувачки протест токму на ден Петровден да го кренеме гласот и да ги предупредиме надлежните дека во државата земјоделството не ни оди на добро. Да земат предвид дека оваа категорија ја рани нацијата и финансиски придонесува во буџетот – изјави Мирчески.

Стојче Ташовски, претставник на оризопроизводителите од Кочанско изјави дека оризопроизводителите имаат проблеми со откупот и непродаден лански род, а на прагот е новата жетва.

И кај нас, оризарите, ситуацијата е катастрофална. Откуп немаме, цената одеднаш падна, а еве за два месеца имаме нова реколта и жетва. Голем проблем е што дури 50-ина насто од ланскиот род е останат, непродаден – вели Ташовски.

За лозарите е најбитно да има гарантирана цена за откуп на грозјето што ја бараат три години.

Ние бараме од државата и од лозарите да си има заштитна, почетна, најмала цена за грозјето, од која винариите не смејат да одат пониско. Ова го бараме три години и никако се нема слух. Бараме најмалата за вранецот да биде 17 денари, а 15 денари за смедеревката, плус три денари од државата – вели Тане Јошев, од регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари“ од Кавадарци.

Земјоделците најавуваат радикализирање на протестите низ повеќе региони доколку наскоро не се решат проблемите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.