Предизборните вработувања од страна на СДСМ продолжуваат со полна пареа. Општинската и државната администрација се полни со забрзно темпо, со луѓе подобни и блиски до СДСМ, со што се прави брутална партизација на државниот апарат, а се со цел изборно корумпирање и купување на мир во владејачката партија. Огласи за вработувања секојдневно можат да се видат во сите печатени медиуми и порталите за вработување.

На последните објавени огласи Владата бара да вработи 11 државни службеници во Секретаријатот за европски прашања. Во оглас кој е објавен преку Агенцијата за администрација на трети јануари годинава, се бараат 11 вработувања од Секретаријатот. Највисока плата од речиси 39 илјади денари, или точно 38.689 денари ќе зема државниот советник за координација на европски фондови и друга странска помош.

Понатаму, се бараат и помлад соработник за внатрешни работи, виш соработник за слободно движење на услуги, помлад соработник за внатрешен пазар, советник за земјоделство и рурален развој, виш соработник за политика за земјоделство и рурален развој, помлад соработник за програмирање на образование, за животна средина, за евалуација за програмите за ЕУ, соработник за координација на билатерални програми, како и соработник за јазична ревизија, а најниската плата е 22 илјади денари.

Претходно и Службата за општи и заеднички работи во Владата, на 27 декември лани, побарала да вработи шест лица, главно за советници, а платите таму ќе бидат и до над 26 илјади денари.

Агенцијата за администрација објави оглас за вработување на шест јавни службеници во Јавното
претпријатие „Паркови и зеленило“ – Скопје. Во огласот се бараат кандидати за соработници, помлади соработници и референти.

Платите во зависност од работното место се движат до 22.908 денари.

Агенцијата за администрација објави и оглас за вработување на шест државни службеници
во Општина Кисела Вода. Се бараат кандидати за соработници, помлади соработници, референти и виши референти.Платите во зависност од работното место се движат до 24.451 денари.

Најголемиот бран на вработувања е забележан од почетокот на ноември, кога беше најавено дека ќе се формира техничка влада.

Од 6 ноември од кога е познато дека ќе се формира техничка влада, па се до сега се распишани огласи во државната управа, преку Агенцијата за вработување и Агенцијата за државни службеници за 4.131 работно место – обелодени деновиве заменик министерката за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска-Стојковски

Таа рече дека огласите се случуваат во период кога забелешките се дека државната администрација е превработена и гломазна, а од друга страна со овие вработувања се прави брутална партизација на државниот апарат.

Ова е безобзирно уништување на институциите. Од 4131 работно место, 911 работни места се во владини институции, Генерален секретаријат, Министерство за економија, Министерство за финансии, Министерство за земјоделие, па и во претпријатија кои мака мачат со исплата на плати како што се Македонски железници – рече Стаменковска, додавајќи дека платите за дел од распишаните места се движат и од 40 илјади па до 60 илјади денари.

Овие огласи, како што оцени, по нивниот обем и начинот на кој се распишани, за само два месеци, не се ништо друго туку само начин на изборно корумпирање и купување на мир во владејачката партија.

Сето ова ќе биде на товар на граѓаните, но и на сметка на квалитетни кадри кои ќе останат запоставени и тргнати на страна. Ревизијата која е во тек ќе ги испита сите неправилности при распишувањето на овие огласи и давањето на согласности. И онаму каде ќе има отстапување ќе побарам нивно поништување. Нема ниту една државна администрација која може да издржи вакви тектонски оптеретувања кои повторно паѓаат на товар на граѓаните – додаде Стаменковска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.