Пред претстојниот голем муслимански празник Курбан Бајрам, директорот на Агенција за храна и ветеринарство Николче Бабовски одржа работен состанок со претставници на Исламската верска заедница, Министерството за внатрешни работи и општинските комунални и инспектори за заштита на животната средина, со цел координирање на активностите на секоја од институциите, за контрола на безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојба на животните.

Инспекциските служби, како што е наведено во денешното соопштение од АХВ, спроведувааат вонредни засилени контроли на добиточните пазари и локациите надвор од нив, а за кои имаат сознанија дека таму се врши нелегална трговија со добиток и недозволено колење.

Целта на овие активности е да се обезбеди високо ниво на заштита на здравјето на граѓаните и да се гарантира консумација на безбедно месо, кое потекнува од здрави животни, почитувајќи ги културните и религиските барања на верските заедници. Агенцијата за храна и ветеринарство како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните, апелира до граѓаните за претстојниот празник да не купуваат добиток од дивите пазари, бидејќи таму нема гаранција за здравствената состојба на животните, со што во прашање може да се доведе здравјето на купувачите и нивните семејства, вели Бабовски.

Во соопштението од АХВ се посочува, движењето на животните да се врши исклучиво со поседување на сертификат за здравствена состојба на секоја единка, а колењето на животните да се врши во одобрени кланици од страна на Агенцијата, освен за животните кои се колат за сопствени потреби, за што треба да биде известен официјален ветеринар или овластено ветеринарно друштво кое треба да изврши одјавување на закланата единка од Ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Бабовски апелира граѓаните да бидат внимателни и при набавка на месо кое треба да се купува од одобрени месарници, кои ги имаат имаат имплементирано стандардите за безбедност на храната.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.