Oд 1 јули годинава стартува повратот на ДДВ на сите граѓани кои скенираните баркодови на фискалните сметки ќе ги испратат на УЈП преку мобилната апликација „Мој ДДВ“. Вака денеска беше најавена оваа најнова владина мерка, содржана и во изборната програма на СДСМ уште пред да дојде на власт. И можеби многумина ќе се израдуваат на  фактот дека од нивните пазарења, на крајот на годината ќе добијат поврат на дел од платените средства, но никој не може да го игнорира фактот дека не сите ќе се најдат во иста положба. Имено за да се искористи оваа мерка граѓаните треба да имаат паметни телефони како би ја инсталирале апликацијата. Но што е со старите, немоќни или неуки луѓе кои едноставно немаат услови за поседување смарт телефон или пак не знаат да работат со него. Дали тие ќе бидат ставени во понерамноправна положба од останатите, кои ќе имаат можност во секој момент да ги скениратат и праќаат баркодовите на фискалните сметки на УЈП?

Од таму смируваат дека мобилни екипи и волонтери на УЈП ќе им помагаат на граѓаните.

На ранливите категории и постарите лица кои не се во можност да го направат тоа ќе им помагаат мобилните екипи и мобилните даночни шалтери на УЈП и 80 волонтери. Ќе има на располагање и баркод читачи, мобилни телефони во сите организациски единици на УЈП преку кои ќе се врши читањето и киоск апарати, а на еден мобилен телефон ќе биде оставена можност да има повеќе профили. За парите кои ќе се добијат како поврат на ДДВ граѓаните нема да плаќаат персонален данок- информираат од УЈП.

Повратот на ДДВ ќе се прави преку скенирање на баркодовите на фискалните сметки најдоцна во рок од 10 дена од издавањето на сметката. Ќе важи само за граѓаните и за фискални сметки до 30.000 денари, но не и за фактури и сметки со сметкопотврди. Нема да важи за сторнирани фискални сметки и ќе препознава дали сметката е исправна или не, односно фиктивна компјутерска.

За да може да се искористи оваа мерка лицата кои ќе ги праќаат баркодовите треба да имаат најмалку 15 години, важечка лична карта или пасош и да бидат регистрирани или да се регистрираат во електронскиот систем на УЈП, да имаат своја активна трансакциска сметка и да ја симнат апликацијата „Мој ДДВ“ на нивниот мобилен телефон од веб страницата на УЈП.

Првата исплата ќе биде во декември 2019 година директно на сметките на граѓаните, а потоа на секои три месеци, односно во февруари, мај, август и ноември. Од оваа услуга на граѓаните ќе им бидат вратени најмногу 50 милиони евра годишно, а лимитот за едно лице ќе изнесува 1.800 денари квартално или најмногу 28.800 денари годишно за едно четиричлено семејство- изјави денеска премиерот Зоран Заев, не појаснувајќи колку ќе добие двочлено или трочлено семејство! Од каде се вади просекот за четиричлено семејство, кога ако децата во семејството се помлади од 15 години не можат да учествуваат во овој проект, а плафонот за поврат на едно лице изнесува 1.800 денари квартално?

Според Заев преку проектот „Мој данок, моја заштеда“ граѓаните заедно со финансиските институции ќе остварат две главни цели од кои првата е да се вратат пари кај граѓаните, а втората да учествуваат во намалување на сивата економија и во елиминација на даночното затајување на ДДВ.

Досега поврат на ДДВ остваруваа само компаниите, а сега таа придобивка ја остваруваме за сите граѓани. Заради правичност за да не се случи повратот да оди кај богатите поставени се лимити и нема да има можност за поврат на ДДВ-то од сметка над 30.000 денари – рече Заев и додаде дека дури 98 отсто од домаќинствата ќе можат да направат поврат на ДДВ, а за два отсто од најбогатите ќе има лимит.

Според Заев најдобро е секој да си има своја евиденција.

Но доколку некој не може да се снајде со сметките, може да му ги дава на роднина или друг близок и да побара помош од него. Важно е да не ѝ се остави простор на сивата економија, која прави огромни штети – рече премиерот Заев, не појаснувајќи дали и тука се остава простор за злоупотреба и манипулација. Имено во вакви ситуации кога сопствените сметки се „оставаат“ на чување на друг, заради неможност за водење сопствена евиденција или користење на мобилната апликација, постои реална опасност тој тие сметки да ги искористи како свои, што значи дека ќе добие поврат на ДДВ на туѓи сметки.

Сето ова остава простор за сомнеж колку и како ќе се спроведува проектот Поврат на ДДВ на терен и времето пред нас ќе покаже и докаже во колкав степен е можна неговата реализција.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.