Почна изградбата на нов 110-киловолтен далекувод со кој се поврзуваат трансформаторските станици Штип и Пробиштип.

Премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорката на МЕПСО, Ева Шуклева денеска присуствуваа на поставувањето на првиот елерктричен столб.

Станува збор за проект за реконструкција во кој ќе се замени постоечкиот далекувод поставен на армирано-бетонски столбови кој е изграден во 1972 година и беше во функција 47 години. Далекуводот е долг 25 километри и ќе биде поставен на 110 столбови.

Според планираното, изградбата ќе заврши до крајот на годинава, по што се очекува далекуводот да биде пуштен во употреба.

Во новиот далекувод МЕПСО инвестира 2,45 милиони евра, средства обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој. Изведувачот на работите (конзорциум од компаниите Pinggao и Ndrekaj) е избран на меѓународен тендер, а во целиот проект во постапката на надзор, проектирање и геомеханички истражувања, како подизведувачи веќе се ангажирани и домашни фирми. Новата инвестиција ќе го зголеми преносниот капацитет на мрежата во овој регион и што е уште позначајно ќе го подобри снабдување со квалитетна електрична енергија за жителите на Пробиштип, Злетово, Кратово и Крива Паланка, рече Шуклева.

Таа истакна дека новата опрема поставена на далекуводот (проводници, изолатори) ќе ги сведе на минимум ризиците од испади и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Со тоа значајно ќе се намалат и трошоците за одржување. Воедно за МЕПСО е круцијално тоа што замената на дотраените бетонски столбови со челично-решеткасти ќе ги подобри условите за работа и безбедноста при извршување на обврски за електромонтерите на МЕПСО.

Премиерот Заев истакна дека овие инвестиции се важни за енергетскиот систем за да нема големи загуби низ мрежата, како и дополнителни трошоци за поправки на старата мрежа. Оваа инвестиција е дел од пакетот инвестиции од 15 милиони евра на МЕПСО, а се однесува на обнова на делекуводи и на трафостаници.

Очекуваме успешно завршување до крајот на годината на големиот проект што ја поврзува земјава со Ќафасан, со Албанија, а тоа е далекуводот и трафостаницата кај Битола што ќе овозможи директно поврзување на Турција, Бугарија, Република Македонија, Албанија и Италија заради тоа што преку ваквите конекции дефинитивно обезбедуваме стабилна и навремена енергија за целиот овој регион, рече Заев.

Тој смета дека со ваквите инвестиции е јасна пораката кон инвеститорите оти земјава има стабилна инфраструктура и енергетски систем.

Министерот Сугарески напомена дека Владата инвестира во електропреносниот систем, бидејќи на тој начин ќе помогне во економскиот развој.

Модернизацијата на далекуводите ги опфаќа Штип – Овче Поле и Велес, Велес – Скопје 4, Миладиновци –  Бунарџик и Прилеп 1 – Битола 1. Со ваков тип на инвестирање го зајакнуваме енергетскиот сектор, потенцира Сугарески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.