Со едноминутно молчење за загинатите во автобуската несреќа во Бугарија, собраниската Комисија за финансирање и буџет претпладнево ја продолжи општата расправа по Предлог-буџетот за 2022 година.

Во текот на расправата власта и опозицијата повторно ги спротивставија ставовите. Додека за пратениците од владејачките партии Предлог-буџетот е развоен, насочен кон економско заздравување, заштита на здравјето, зголемување на инвестициите и непречна исплата на плати и пензии, за пратениците од опозицијата проекциите се погрешни и преамбициозни поради што ребаланс треба да се очекува уште во првиот квартал од 2022 година.

Прв за збор се јави пратеникот Зоранчо Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ кој нагласи дека желбите се едно, а можностите нешто сосема друго.

Овој буџет е за сите граѓани на државата, а не само за СДСМ и ДУИ. Ова е нереален, историски највисок, неразвоен и социјален буџет со непродуктивни трошоци. Владата на СДСМ постојано креира лажни и нереални проекции, а нејзините амбициозни предвидувања секогаш паѓаат во вода. Така е и овојпат. Предлог-буџетот за 2022-ра ќе донесе уште поголеми проблеми. Желбите и нереалните очекувања се едно, а можностите се нешто сосема друго. Реалноста е дека земјава е пред банкрот, животот е се поскап, имаме здравствена, енергетска и економска криза, а проектирано е Владата да потроши 4,4 милијарди евра – укажа Јованчев.

Тој се освра и на задолжувањата, правejќи паралела меѓу сегашните бројки и оние во времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Дури 11 проценти од Буџетот тогаш одеа за капитални инвестиции. Денес, за само четири години, јавниот долг е зголемен за цели 2,4 милијарди евра или, ако резимираме, јавниот долг во време на ВМРО-ДПМНЕ растел по 290 милиони евра годишно, а во време на СДСМ по 600 милиони евра. Денес, капитални инвестиции речиси нема, од Буџетот на државата за оваа намена во овој момент се издвојуваат скромни 6,5 проценти – посочи пратеникот.

Јованчев апелира Комисијата да ги прифати предложените амандмани од неговата пратеника група, над 200, зашто тие, нагласи, се суштински, произлегле од потребите и барањата на граѓаните, приватниот сектор и стручната јавност, а се во насока на корегирање на Предлог-буџетот, негово подобрување и пресретнување на ценовните шокови и останатите предизвици.

На Јованчев му реплицираше заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски кој детално ги образложи скоро сите ставки во Предлог-буџетот. Тој потсети дека со проекциите се предвидени средства и за енергетската криза, како и за економската и за здравствената.

Енергетската криза е предизвикана од големиот застој во месеците кога економиите не работеа, посебно во Европа, и наглиот голем пораст на производството, трошењето на електричната енергија во Западна Европа, како и енергетската транзиција од традиционални кон обновливи извори на енергија. Буџетот на државата има предвидено 5,4 милијарди денари за оваа намена, а четири милијарди денари се веќе префрлени на сметка на АД ЕСМ која обезбедува набавка на суровини за производство на електрична енергија и набавка на електрична енергија за домаќинствата. Дополнително, предвидени се и средства за 45 622 граѓана со ниски примања кои добиваат 1.000 денари додаток за покривање на трошоците за греење. Го намаливме и ДДВ-то за електрична енергија од 18 на пет отсто – изјави Ковачевски.

Во врска со инфлацијата, заменик-министерот образложи дека тоа е нешто што се случува по секоја голема криза.

Се работи за зголемување на базичната стапка на инфлација која се должи на зголемување на цените на енергенсите и зголемување на цените на основните и на преработувачките продукти. Сите анализи покажуваат дека се работи за класичен дисбаланс во економијата кога понудата е помала од побарувачката. Тој притисок сега влијае на зголемувањето на цените – потенцира Ковачевски.

Реплицираа и за збор се јавија пратениците Панчо Минов од ГРОМ, Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ и Даниела Колева од СДСМ. Во фокусот на дебатата беа инвестициите, енергетската криза и вработувањата.

На седницата не е присутен пратеникот Кастриот Реџепи. Тој најавил дека нема да учествува воопшто на претресот на Предлог-буџетот.

Според информации од пратениците, амандманската расправа која почнува утре, се предвидува да заврши во среда, а потоа текстот да се достави до Владата, која треба да ги вгради прифатените амандмани. Откако ќе биде вратен во Собранието, дополнетиот Предлог-буџет ќе оди на пленарна седница каде расправата трае пет дена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.