Поскапиот леб ќе ја зголеми инфлација, предупредуваат од Народната Банка. Повисоката цена на лебот ќе ги поскапат и останатите производи и услуги за граѓаните. Од централната банка велат дека будно ја следат состојбата, но не можат да влијаат врз оваа одлука бидејќи цената се формира на слободниот пазар. Анализата на НБРМ покажува дека од средината на 2017 година е забележан нагорен тренд на цените на пченицата на светските берзи, како и раст на цената на суровата нафта кои се вбројуваат меѓу факторите кои ја корегираа цената на лебот во малопродажбата, пишува „АлсатМ“.

Тековно просечната домашна инфлација изнесува 1,5%, а за цела 2018 година очекуваме таа во просек да изнесува околу 1,6%. Во следната 2019 година е проектирано нејзино благо забрзување на 2%. Она што е важно што во овие проекции веќе се вклучени и претпоставките за понатамошен раст на светските цени на храната и енергијата, и нивно прелевање врз домашните цени. Засега не очекуваме позначајни отстапувања од предвидената патека на домашната инфлација до крајот на оваа и во текот на наредната година, велат од НБРМ.

Граѓаните се жалат на ваквата одлука. Велат дека се затечени со овој потег на пекарите. Но тврдат и дека добар дел од останатите производи во маркетите се продаваат по повисока цена во однос на лани.

Мелничко – пекарската индустрија реши да ја зголеми цената на лебот за околу три денари со образложение дека имаат зголемени производствени трошоци. Мелничарите се жалат и на катастрофалниот род на пченицата, поскапата нафта и недостатокот на работна сила во пекарскиот бизнис, а со тоа и принудното зголемување на платите во овој сектор. Ова поскапување на основниот прехранбен производ доаѓа по пауза од речиси седум години. Тогаш лебот поскапи поради енормното зголемување на цената на струјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.