Директорите на Поштите на Србија и Македонија, Зоран Ѓорѓевиќ и Јани Макрадули, во Белград потпишаа Протокол за деловна соработка, во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“.

Макрадули изјави дека потпишувањето на Протоколот за соработка е почеток на практичната имплементација на иницијативата „Отворен Балкан“.

Ние сме соседи и соработници, но во суштина нашата соработка може да биде далеку поголема. Затоа денешниот документ не е само формалност, бидејќи нашата соработка, особено преку развојот на е-трговијата и логистичките капацитети, ќе ги постави темелите за отворање трговија на Балканот, што е исклучително важно за надминување на последиците предизвикани од пандемијата на корона вирусот – изјави Макрадули.

Ѓорѓевиќ по потпишување на Протоколот изјави дека поштите на Србија и Македонија сакаат да бидат лидери не само во национална, туку и во меѓународна рамка, и дека Протоколот што е потпишан претставува рамка на соработка за постигнување на таа цел.

Денес, ја воспоставивме рамката за развој на нови заеднички услуги, пред се во областа на активностите на кои Пошта на Србија веќе работи интензивно, а тоа е дигитализација на услугите и развој на е-трговијата. Приближувањето на Поштите на Србија и Македонија ќе придонесе за развој на економиите на нашите земји, подобар настап на регионалниот пазар и ќе донесе нови работни места и приходи, како и посилна врска помеѓу нашите граѓани и економии – изјави Ѓорѓевиќ.

Тој посочи дека Пошта на Србија, благодарение на широката мрежа на меѓународни линии, пред се кон Cеверна Америка, националната авиокомпанија „Ер Србија“, што наскоро се очекува да воведе летови до Далечниот Исток, ќе стане регионален центар за логистичко-поштенски услуги, со што дополнително ќе ја поддржи имплементацијата на иницијативата „Отворен Балкан“.

Ѓорѓевиќ и Макрадули најавија дека ќе испратат иницијатива до владите на Србија, Македонија и Албанија за воспоставување заедничка поштенска марка и единствена цена за услугите на пратки, со цел на граѓаните од сите три земји да им се обезбедат услуги по единствена тарифа, како дополнителен поттик за отворање на балканските пазари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.