Граѓаните уште не се задоволни од нивните услуги, но Македонски пошти набргу ќе добијат 80 нови вработени. Генералниот директор на ова друштво распишал оглас за дури 80 нови вработувања, и тоа на неопределено време, пренесува Фактор.

Меѓу позначајните позиции за кои се распишани нови огласи се следниве. Се бараат двајца луѓе да бидат преведувачи на странски јазици во Дирекцијата на пошта, кои треба да имаат Филолошки факултет и познавање на еден странски јазик, кои ќе земаат плата од 22.465 денари, како и еден соработник за кадри кој ќе зема над 23 илјади денари. Иста плата ќе има и соработникот за финансиско работење, како и соработникот за комуникација.

За скопската подружница се бараат седум извршители, кои месечно ќе бидат платени со по околу 17 илјади денари, а за истата плата се бараат и четворица делители во Одделението за подготовка.

Нови работни места ќе има и за двајца манипуланти за големите корисници, кои ќе добиваат по 16.500 денари месечна плата, како и пет насочувачи, што ќе ја имаат истата плата.

Се бараат и голем број шалтерски работници во регионалните подружници на Поштата, кои ќе земаат по околу 17 илјади денари плата.

Директорот на Македонски Пошти, Ејуп Рустеми, за Фактор вели дека овие вработувања биле неопходни, бидејќи од 2016 година, кога во Поштата се вработиле 144 лица, се досега, односно во 2017 и 2018 година, немало нови вработувања во ова значајно претпријатие. Од друга страна, пак, вели тој, од 2016 година па се досега, поштата по разни основи, како што се заминување во пензија или други основи, ја напуштиле дури 210 луѓе.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.