На долг рок потребно е да се спроведе процесот на фискалната консолидација, но истовремено и да се работи на забрзување на растот преку инвестиции во инфраструктурата, структурни реформи како дигитализација, човечки капитал и зелена транзиција.

Ова се накусо заклучоците од Скопскиот економски форум – СЕФФ, дадени од министерот за финансии Фатмир Бесими и поранешните министри за финансии Џевдет Хајредини, Таки Фити, Никола Поповски, Трајко Славески, Зоран Ставрески, Кирил Миноски, Драган Тевдовски и Нина Ангеловска.

Министерот за финансии Бесими посочи дека иако кризата беше вистински предизвик, покрај тековните политики за справување со кризата, треба да се гледа долгорочно, кон тоа како да се постигне повисок и одржлив долгорочен раст. Ова е предвидено и со Планот за заздравување и забрзан економски раст, кој покрај фискалната консолидација предвидува агенда на која се амбициозни инфраструктурни инвестиции, вложување во човечки капитал, дигитализација и одржлива зелена енергија и зелен раст.

Еден од првите министри за финансии, Хајредини ја истакна важноста од инвестирање во обновливи извори на енергија, како и посочи дека нужно е да се инвестира во енергетски капацитети, нешто што со децении не се правело и поради што ефектите од енергетската криза во земјава доста се чувствуваат.

Фити и Миновски истакнаа дека вложувањето во човечкиот капитал и образованието можат да придонесат значајно во подобрата структура на економијата. Фити посочи дека мора да генерираме луѓе со знаења и вештини адекватни за барањата на пазарот на трудот, но истовремено мора да се осигура подобро искористување на човечките ресурси на трите нивоа. Славески посочи дека треба да се работи одржлив економски модел, со поддршка на извозните претпријатија кој ќе даде резултати.

Поповски и Ставрески дискутираа за инфлацијата, ефектите и што треба да се преземе од страна на фискалната политика. Ставрески посочи дека во време на висока инфлација монетарната политика се затегнува, но со оглед дека исто така забавува економската активност мора да се води експанзивна фискална политика, сепак – колку експанзивна треба да се има предвид и стабилноста на јавниот долг. Оттаму треба да се настојува да се направат заштедите кои може да се направат.

На овој став беше и поранешниот министер за финансии Тевдовски, кој посочи дека е многу важно таргетирањето на мерките и приоритизирањето на трошењата.

Поранешната министерка Ангеловска посочи дека земјата успеала да се избори успешно со една од најголемите економски кризи, каква што беше ковид-19, што покажува дека нашата економија е отпорна и дека може да постигне развој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.