Економската криза предизвикана од КОВИД-19 има големо влијание врз опстанокот и работата на компаниите. Поради целата ваква ситуација, во овие седум месеци многу компании мораа да отпуштат голем дел од вработените, а некои мораа и да ги затворат. Ситуација од ден на ден е се потешка, а Владата на СДСМ нема сериозни намери да му помогне на бизнис секторот. Иако цело време најавуваа сет на антикризни мерки, сепак тоа не даде никаков резултат. Имено тие најавија и четврт сет на мерки за спас на бизнис секторот, но тоа остана само во најава, затоа што не беа способни да го спроведат и реализираат.

Како една од најпогодените гранки од оваа економска криза е текстилната индустрија. Причината за тонењето на текстилната индустрија се поврзува со намалeниот извоз, намалената ликвидност и слабите нарачки.

Ангел Димитров, Претседател на организацијата на работодавачи вели дека во идните два месеци текстилните компании ќе го претрпат најголемиот удар. Причината за ова ја лоцира во сезонскиот карактер на оваа дејност, зашто според него, во април и мај кога дуќаните во Европа беа затворени требаше да се продаваат артиклите од сезоната пролет-лето 2020 година. Сега овие производи се во магацините на партнерите на нашите домашни компании. Тие не можат да ги продадат нив, а камоли новите.

Многу наши партнери не можат да прогнозираат колку нови артикли ќе треба да произведеме од октомври годинава до април следната година. Ако овие компании не добијат значителна државна помош за овој период сигурно дел од нив ќе се одлучат да отпуштат дел од вработените, за да ја спасат компанијата од банкротирање, вели Димитров за Фактор.мк.

Од Стопанската комора на Македонија сметаат дека следните неколку месеци ќе бидат одлучувачки за опстанокот на текстилната и кожарската индустрија. Според проценките кои се базирани на најавите на странските купувачи, за следниот период се очекува намалување на продажбата на производите за фантастични 40 до 50 проценти во однос на претходните години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.