Најголемата инвестиција во енергетскиот сектор во Македонија, вредна 48 милиони евра, со која треба да се изгради 400-киловолтна трафостаница во Охрид и 400-киловолтен далновод, како и 110-киловолтен далновод, интерконекција меѓу Македонија и Албанија, доцни веќе две години и постои опасност да пропадне, објави Плусинфо повикувајќи се на добро известени извори.

Да биде трагедијата поголема, постои опасност да пропадне инвестиција за која парите се обезбедени уште во 2015 година од ЕБРД – 36 милиони евра заем и 12 милиони евра грант.

Ако до декември годинава работите не мрднат од мртва точка, не само што ќе се плаќаат пенали спрема ЕБРД, туку постои голема веројатност целиот проект да пропадне, зашто договорот за користење на заемот завршува токму тогаш, а на теренот немаме ништо, дури ни градежна дозвола!

Проект со многу слабости

Причината за доцнењето и за застојот се големите кавги во јавното претпријатие МЕПСО, каде што генералниот директор Сашо Василевски и група вработени кои му опонираат за начинот на кој тој замислил да се спроведе тендерската постапка, буквално водат вистинска „војна“. Така, додека вработените алармираат дека тендерот се мести, дел од раководството на МЕПСО е со цврста намера да ја истурка работата. Во меѓувреме, еден куп луѓе во МЕПСО се жртви на оваа битка, сменети од нивните позиции.

Но, вистинската загуба ќе биде за граѓаните на Македонија, бидејќи станува збор за капитална инвестиција и за обезбедени пари уште во времето на владата на Никола Груевски.

За самиот договор за заем, „бунџиите“ во МЕПСО тврдат дека е потпишан на 10 декември 2015 година, без државна гаранција и со многу повисоки камати од вообичаените, кои со години ги плаќаат граѓаните. Договорот со консултантот за изработка на проектот и за подготовка на тендерската документација, пак, е потпишан во август 2016 година и е продолжен два пати, сѐ до 30 ноември 2018 година, кога работата околу проектот конечно е завршена.

Но, се чини дека и со самиот проект има големи проблеми, бидејќи сѐ уште не е обезбедена ни градежна дозвола. Дополнително, некои луѓе тврдат дека вината за незавршениот проект не е само во МЕПСО, туку и во Министерството за транспорт и врски.

Така, упатените велат дека проектот не ја обезбедува потребната инфраструктура за изградба на новата 400-киловолтна трафостаница во Охридско. Испроектиран е пристапен пат од само 3 километри и испланирано е новите трансформатори до објектот да се однесат со специјални возила со огромна носивост, кои многу тешко ќе поминат низ тесните селски патишта во регионот.

Некои дури велат дека е потребно да се испроектира и да се изгради нов пат од цели 42 километри, што во сегашниве услови изгледа буквално недостижно и неверојатно!

Кој е виновен за овие пропусти?

Едни велат дека вината треба да се бара и кај Катастарот, кој дал неточни или несоодветни податоци. Кон ова треба да се додаде и индолентноста на Министерството. Други, пак, велат дека не само во МЕПСО, туку и во земјата, нема способни луѓе сконцентрирани на едно место, со капацитет да направат еден ваков проект. Конечно, трети целата вина ја фрлаат врз директорот Василевски и врз неговиот кабинет.

Треба ли да се спојат тендерите?

Луѓето од поранешната работната група во МЕПСО, која работеше на овој тендер, се во конфликт со генералниот директор и не прифаќаат тендерот да се истурка преку нивниот грб. Битката начелно се води околу инсистирањето на Василевски двата тендера (за трафостаницата и за далноводот) да се спојат во еден, што е спротивно на договореното со ЕБРД. Луѓето од „отпорот“ тврдат дека самиот факт што тендерот во еден лот ги сместува и трафостаницата и далноводот ја поскапува инвестицијата за најмалку 20 отсто, што наводно го потврдуваат и големи светски компании од оваа дејност. Имено, според нив, светските препораки и правила за јавните набавки се набавките да се раситнуваат, со што се зголемува конкуренцијата. Опонентите на Василевски се сомневаат дека поскапувањето на цената на проектот не е случајно и дека веќе е познат и добитникот на тендерот, две компании од Хрватска. Се шпекулира и за некаква вроглава „аванта“ за инволвираните.

За да се реши кавгата и да им се стави крај на шпекулациите, одлучено е за спојувањето на тендерот да се изјасни нова консултантска компанија. Но, генералниот директор Василевски, под разни изговори, долго време не го потпишува договорот со неа, додека не се осигура дека тендерите ќе се спојат. Без мислење на консултантот, пак, ЕБРД, според договореното, нема да ги одобри тендерите.

После многу борби, Василевски конечно ќе го потпише договорот со консултантот, но среде кампањата за последните избори, тој презема синицијатива и ја менува целата работна група за следење на тендерот. Опонентите тврдат дека новата работна група е составена од не многу искусни луѓе, водени од послушници.

Арно ама, кога се смета дека работата со спојувањето на тендерите е речиси завршена, се јавува нова резерва кон генералниот директор Василевски и тој неочекувано ги губи позициите и поддршката во Владата. Игрите околу фотелјата на Василевски, но и околу најавените смени во Управниот одбор на МЕПСО, сѐ уште траат, а проектот, МЕПСО и државата и понатаму трпат, поради лични интереси и кавги. Тендерот е готов веќе 10 месеци, но очигледно тешко оди со преддоговарањето и не се објавува. Според нашите информации, генералниот на МЕПСО чека исход од „метлата“ на Заев, за да види дали може да продолжи со иницијативата.

Граѓаните заложници на кавгата во МЕПСО

Тешко е да се донесе суд што точно се случува во МЕПСО и кој е во право. Има и мислења дека опонентите намерно работат на уривање на проектот. Има и обвинувања за суети и за борба на власт во ова јавно претпријатие. Како и да е, ако не ѝ се стави крај на оваа рашомонијада, ќе се нанесат огромни штети. Тешко е да се сфати како е можно да се утне една ваква капитална инвестиција, при одамна обезбедени пари и во ситуација кога албанската страна веќе го завршила својот дел од задачата.

Ако пропадне инвестицијата, тоа ќе биде не само локален, туку и меѓународен скандал. Затоа, сега сите очи се вперени кон Владата, од каде се очекува да се пресече Гордиевиот јазол. Неприфатливо е, велат упатените, целата земја да биде заложник на тоа што менаџерите и вработените во едно јавно претпријатие не можат да најдат заеднички јазик. Сепак МЕПСО не е нивна дедовина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.