Српските туристи сигруно ќе можат да престојуваат во хотелите во туристичките центри со попуст од 10 до 20 отсто, од мај до крајот на годината, но дали ќе можат да ги користат автопатиштата бесплатно и да користат бесплатен паркинг во туристичките градови, сѐ уште не се знае, пишува Плус Инфо.

Премиерот Зоран Заев најави дека српските туристи ќе бидат ослободени од плаќање патарини на патувањето низ земјава како благодарност за вакцините. Тој рече дека ќе им се даваат картички на сите возила со српски регистарски таблички, но не кажа во кој период би се реализирала активноста.

Дополнително и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка Љупчо Јаневски побара хотелиерите, угостителите, како и општините и институцииите од културата поврзани со туризмот да обезбедат попусти или бесплатен паркинг и бесплатен влез во музеите за овие туристи.

Предвидено е мерката да се реализира во летниот период – мај, јуни, јули и август кога српските туристи ќе дојдат во нашата земја. Ќе се даваат вињетки на секое возило на српските државјани на граничните премин – рече Заев вчера како одговор на наше прашање.

Тој додаде дека сегашните пресметки се однесуваат на 35.000 српски граѓани колку што ја минале границата лани, односно вкупен трошок од 700.000 ерва.

Трошокот е 20 евра за патарина по 35.000 туристи. Но, ќе се прават дополнитлени пресметки за бројот на туристи од претходните години и ќе се види колку ќе биде. Имаме време до мај да ја донесеме оваа одлука, рече Заев.

Владата планира да ја покрие загубата на јавното претпријатие за државни патишта за оваа мерка.

Засега сигурно е дека хотелиерите ќе им дадат попуст од 20 отсто за престој на српските туристи во периодот од мај до крајот на годината, освен во шпицот, јули и август, кога попустот може да се намали на 10%, во зависност од побарувачката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.