Министерството за труд и социјална политика ги повикува сите вработени и сите работодавачи строго да се придружуваат до мерките кои Владата на Република Македонија ги донесе на вчерашната седница за превенција од ширење на болеста COVID-19 (коронавирус). Оттаму повикуваат секое непочитување на препораката за ослободување од работни обврски на еден од родителите на деца до 10 годишна возраст да се пријави во Државниот инспекторат за труд на телефонскиот број 151 31. Од ова министерство се обидоа да појаснат како ќе оди постапката за регулирање на отсуството на еден родител од работа заради чување на деца до 10 години, или над 10 кај деца со попреченост, но останаа многу неразјаснети работи, барем за приватните фирми.

Отсуствата од работа ќе се докажуваат со потврди кои ќе ги издаваат градинките и основните училишта, на име на родителот корисник на мерката за ослободување од работа поради грижа за дете со навршена возраст до 10 години, во кои ќе биде наведен и временскиот период за кој се однесува. Истите ќе треба да се достават до Секторот за управување со човечки ресурси или раководителот/директорот на институцијата/компанијата во која работи, до терминот за пресметка на следната плата – се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.

Во однос на прекинот на работата на дневните центри за згрижување на лица со попреченост, од Министерството за труд и социјална политика велат и дека ослободувањето од работни активности на родители на деца/лица со попреченост е проширено на родители на деца и млади и над 10-годишна возраст. Родителите е потребно по истиот принцип наведен погоре да достават потврда дека лицето е корисник на услугата дневен центар за лица со попреченост.

Сепак Министерството за труд и сцоијална политка не објаснува како платеното  отсуство ќе се регулира кај приватните фирми?Дали надоместокот на плата ќе го плаќа државата или пак фирмите сами и која е процедурата која фирмите треба да ја поминат, ако државата го плаќа отсуството, за да го остварат тоа право? Во ваква ситуација сите се збунети и родителите и фирмите, а мерката веќе почна да се применува!  Сите овие неодговорени прашања требаше да се решат во од и да бидат детално објаснети пред да почнат да се применуваат мерките.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.