Почна откупот на тутунот од годинашната реколта. Четири откупни компании од 10-те регистрирани во земјава ги отворија пунктовите.

Годинашната реколта е договорена на над 25 000 тони, но се очекува да биде помала, иако е поголема од ланската и е поквалитетна.

Тутунарите се на вагите и велат дека проценката е реална, но цените не ги покриваат трошоците и покрај тоа што се за 20 отсто зголемени.

Денеска предадов 230 килограми тутун, од сите берби. Задоволен сум од проценката, но не сум задоволен од откупната цена по класи. Според трошоците, вложениот труд и знаењето, просекот не треба да биде под 400 денари за килограм. Намалени се количествата тутун годинава. Главно, тоа е поради цената, за младите не е исплатливо да го работат, аргати се пензионери и доколку не се подобри цената, ќе продолжи трендот на намалување на производството, изјави Звонко Ристески, производител од Прилеп.

Сејбие Салиоска, тутунопроизводител од Прилеп, има четири декари тутун со род од околу 800 килограми.

За проценка донесовме 40 картони со тутун. Добро е, нема проблем, добро поминува прва и втора класа, рече Салиоска која ги предава количините во градскиот откупен пункт во прилепскиот Тутунски комбинат.

И Миле Спиркоски, производител од Прилеп, нема забелешка на проценката.

Имам насадено 2,5 декари, еве првиот тутун на проценката добро помина, во втора класа, истакна Спиркоски.

Директорот на прилепскиот Тутунски комбинат, Кире Станкоски нагласува дека Комбинатот е подготвен да ги преземе сите договорени количини тутун и веднаш да ги плати. Отворени се 20 пунктови во градот и населените места.

Тутунскиот комбинат е целосно подготвен за почетокот на откупот. Почнуваме на сите пунктови во градот и во населените места. Вкупно се отворени 20 откупни пунктови со 28 ваги. Имаме околу 4 000 кооперанти. Очекувам добра реколта. Исплатата ќе биде како и изминатите години, веднаш по преземените количества. Бевме предводници на зголемувањето на цените по класи, оваа година го извлековме максимумот, се надевам за догодина ќе се стабилизира економската ситуација, а со тоа и цените на тутунот, изјави Станкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.