Нема крај со фијаското во енергетскиот систем во Република Македонија, велат од ВМРО-ДПМНЕ, од каде додаваат дека граѓаните ги очекува големо покачување на сметките за струја заради неспособноста на власта, енергетските капацитети не произведуваат доволно електрична енергија, па затоа мора државата да купува многу поскапа електрична енергија од енергетскиот пазар, ама затоа Васко Ковачевски реши да удри по вработените во енергетскиот сектор кои за него се неподобни.

Наместо Васко Ковачевски веќе да ја имаше потпишано својата оставка, заради целосниот хаос во енергетиката, тој реши да брка работници во АД ЕЛЕМ.

Со потпис на неспособниот Ковачевски пред 20тина дена е донесен заклучок со кој се задолжуваат директорите на придружниците да достават список на работни места со број на извршители кои би биле испратени на принуден одмор или делумен прекин на работниот однос со кратење на платите во износ од 30%.

За да биде небулозата поголема, истиот ден Васко Ковачевски потпишува заклучок со кој бара да се ангажираат лица преку агенцијата за привремени вработувања кои би започнале со работа од 1ви Јануари 2022 година.

Намерата на Ковачевски е да бидат казнети партиските неподобни во ЕЛЕМ, а во исто време да бидат наградени партиски подобните лица преку договори за привремени вработувања, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Кристално јасно е, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, дека казнети ќе бидат лицата кои немаат партиска книшка од СДСМ.

Трагикомично е оправдувањето на АД ЕЛЕМ дека се намалуваат непродуктивните трошоци на компанијата, дека заради енергетската криза и економската состојба на фирмата ќе се испраќаат вработени на принуден одмор, кога изминативе месеци стотици лица беа вработени во компанијата, а во исто време има и активен заклучок за нови вработувања.

Наместо Ковачевски да поднесе одговорност за својата неспособност, наместо Ковачевски да одговара за тоа што ЕЛЕМ го претвори во загубар поради неодговорното работење, тој удира по работниците.

Оваа постапка за делење на решенија за принуден одмор или прекин во работниот однос веднаш да се прекине, бидејќи во спротивно после промената на власта, ваквата политичка хајка која ја прави Ковачевски ќе биде ревидирана и за тоа Ковачевски ќе сноси одговорност, порачуваат од партијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.