Автопатот Миладиновци – Штип денеска официјално ќе биде пуштен во употреба со церемонија кај Свети Николе во присуство на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и амбасадорката на Народна Република Кина, Јин Лисјен.

Во автопатската делница, долга 47 километри се вложени 177 милиони евра, и по неа се вози од пред еден месец, со соодветна сигнализација.

Автопатот е широк 27,4 метри, има четири ленти од 3,75 метри и две ленти за застанување од 2,5 метри. Проектираната брзина е 130 километри на час. По должината на автопатот има седум клучки. Летово, според најавите, ќе се градат планираните две патарини на автопатот, кај Кадрифаково и кај Свети Николе. Долж автопатот е поставена челична одбојна ограда, мрежа за заштита од животни, оптички кабел, звучни бариери, службени премини.

Изградбата на автопатот ја почна претходната Влада, во февруари 2014 година и според проектот и плановите тој требаше да биде готов до март 2017 година. По промената на власта надлежните институции соопштија дека има бројни пропусти во изградбата и незавршени активности, по што беа склучени два анекса на Договорот за изградба со изведувачот кинески „Синохидро“.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.