Владата на денешната 21 седница ја разгледа и усвои Информацијата за регулирање на надомест на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица заболени од КОВИД-19.

Во заклучок по оваа точка се наведува дека висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје, заболени од КОВИД-19 (Коронавирус), вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени КОВИД-19, ќе се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор, соопшти владината Прес-служба.

Согласно заклучоците, се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на заболени вработени лица од КОВИД-19, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени КОВИД-19, а се вработени во приватниот сектор, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор. Со заклучок на Владата по оваа точка се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во приватниот сектор и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор, се додава во соопштението.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика на оваа седница е утврден и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита за да се олесни и поедностави пристапот до правото на гарантирана минимална помош за лицата/домаќинствата во време на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди).

Согласно динамиката на поднесени барања и траењето на пандемијата во наредниот период, со овие олеснувања се очекува да бидат опфатени околу 5000 нови домаќинства во 2021 година, се додава во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.