Плата од 500 евра за работникот, работодавците ги чини 750 евра од кои 250 завршуваат кај државата. Комората на сметководителите алармира дека оданочување од 50 проценти од нето платата, за стопанство чиј столб се малите фирми е преголем трошок. Велат капак на се се и честите промени во даночната регулатива без консултации со бизнисот. Така од први јануари се зголемуваат ставките за придонеси за нови 0,5 проценти, па фирмите ќе треба да плаќаат 18,8 проценти за пензиско осигурување, 7,5 за здравство. Реагираат дека за една година само трошоците за придонеси пораснале за еден процент.

Државата се обидува да пополни одредени буџетски дупки не со стратегија и визија за тоа како тие да се пополнат, туку ад хог со дневно политички со краткорочни политики директно на грбот на бизнис секторот – вели Благоја Грозданов, Член на УО на Комора на сметководители.

Велат законите често се препишуваат само колку да ги има на хартија, па потоа се ретерира и се враќа старото законско решение, или тие не функционираат во пракса. Според нив растот на минималната плата на 14.500 денари може да ја зголеми сивата економија и да прати порака дека се наградуваат оние кои до сега исплатувале плата на црно. Како пример за лошо законско решение го посочија и прогресивното оданочување.

Се случи она што ние како ССК апелиравме. Нашиот народ се снаоѓа, го повлекува тој договор за закуп, прави на 500 евра договор за закуп, а разликата во кеш. Значи се зголемува сивата економија. Имаме ограничување на плаќање во готово, нели е до 500 евра, не смееме повеќе од 500 евра. Пример овие што продаваат возила сегде ги имаме плацовите. Ако сакаш да купиш Пунто, Ауди А6, Мерцедес, сите договори се на 29.999 денари, зошто немаш потреба од трансакција, а разликата се исплаќа во кеш – алармира Драган Митковски, претседател на Комора на сметководители.

Велат не функционира ниту законот за сметководство, а токму тие се главниот сервис на државата за прибирањето на даноците. Па, сега завршна сметка наместо овластен сметководител може да потпише и управител на компанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.