Пратениците Илија Николовски и Соња Мираковска предложија измени на Законот за служба во Армијата, со кои се исправи уште една неправда која се однесува на пензионираните припадници на Армијата.

Имено, процентот кој се одзема од основата за пензија за секоја година пократок пензиски стаж од 1% како што беше утврдено со Законот за служба од 2005 до 2010 година, со новите законски измени се израмнува со законското решение од 2011 до денеска и се намалува на 0,5 проценти. Тоа значи дека сите пензионирани припадници на Армијата во периодот од 2005 до 2010 година ќе земаат поголеми пензии.

Ги повикуваме сите припадници кои се пензионирале во тој период, до 10 јануари индивидуално да поднесат Барање за обновување на управна постапка за утврдување на висина на пензијата. Постапката во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, поради обемот на работа ќе трае неколку месеци, по што ќе започне исплатата на поголемите пензии. Министерството за одбрана преку групата пензионери – иницијатори ги информираше сите засегнати пензионери – поранешни припадници на Армијата, а задолжи и лице кое ќе го следи процесот за сите кои се опфатени со измените во Законот навреме да ги достават своите барања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.