Неспорно е дека постојано вршиме прилагодување на домашното право со правото на ЕУ што е наша стратешка цел. Но, она што е моја лична дилема, а верувам и на најголемиот дел од нашите граѓани е дали државните институции суштински или само формално ги имаат усвоено и ги следат европските вредности и принципи во оваа област, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на денешниот Регионален форум за борба против корупција на тема „Исполнување на ветувањето за проширување на ЕУ: 30 години добро управување и антикорупциски реформи во Централна и Источна Европа“.

Претседателот Пендаровски повика на соработка меѓу институциите, невладиниот и приватниот сектор затоа што, подвлече, тоа е еден од успешните начини во справувањето со корупцијата, а транспарентноста и отчетноста се темели на доброто управување и владеење на правото.

– Долги години се занимавам со прашањата од областа на безбедноста и слободно можам да кажам дека во изминатите 10 до 15 години во нашата држава високата корупција прерасна во една од најголемите безбедносни закани за иднината на земјата. Тука морам да го издвојам т.н. случај „Рекет“ кој дискредитираше голем дел од нашите напори и надежи за справување со криминалот и високата корупција. Лично не очекував дека носители на толку важни и одговорни функции толку ќе потфрлат во даден момент. Овој случај останува да биде лакмус за правната држава, а со тоа и тест за отпорноста од политички влијанија на клучните институции, истакна Пендаровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.