Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, оствари средба со претседателот на Стопанската комора на Републка Македонија, Бранко Азески. На средбата претседателот Азески му го честиташе изборот за нов градоначалник на Охрид и му посака успех во неговата работа.

Се разговараше и за прашањата поврзани со децентрализацијата, потенцијалите за заеднички проектни активности во рамки на програмите на ЕУ, Коморскиот инвестициски форум и другите меѓународни организации.

Охрид, како најголем туристички центар има одлична соработка со здружението на угостителството и туризмот при СКСМ и затоа ќе се вложат дополнителни напори за продлабочување на соработката во оваа област. Туризмот, во заложбите на Комората, има приоритетно место во добивањето на статус на извозно-ориентирана дејност, со што конкретно ќе се смени и односот на државата кон гранка која има потенцијал да направи раст.

Во тој контекст, посебно се разговараше за здравствениот, алтернативниот и спортскиот туризам коишто не можат да достигнат повисоко ниво, доколку не дојде до брза реализација на инфраструктурните проекти, како што е завршувањето на изградбата на автопатското решение Кичево- Охрид и меѓународниот магистрален пат Охрид- албанска граница.

Здравствениот туризам, како тема за која Охрид можеше да биде горд во седумесеттите години на минатиот век, со неколку специјализирани болници, сконцентрирани на едно место, е нешто на кое треба да се работи во наредниот период, затоа што тоа реално може да придонесе за повеќекратни ефекти, и од здравствен и од економски аспект – заклучија Азески и Пецаков.

Во рамки на постојаните залагања за афирмирање на занаетите и унапредување на практичните знаења и активности во рамки на средното стручно образование кај нас, претседателот Азески потсети на иницијативата за афирмирање на длабокорезбарската школа во Охрид, која за градот може да донесе дополнителен економски бенефит, а истовремено да биде и значајна туристичка атракција.

На средбата се разговараше и за можностите за привлекување нови странски инвестиции во регионот, како и одржување на постојните, во насока на поголема економска активност и поголем број нови вработувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.