Во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот украински колега Денис Шмихал денеска во Прага се потпишани одлуки со кои се дополнува и ревидира постојниот Договор за слободна трговија помеѓу Македонија и Украина, а со цел да се олесни слободната трговија и обезбедувањето храна меѓу двете земји. Одлуките ги потпишаа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и заменик министерот за економски развој и трговија на Украина, Тарас Качка.

За време на средбата на која присуствуваше и министерот за надворешни работи Бујар Османи, премиерот Ковачевски, уште еднаш ги потврди позициите на Македонија за силната и недвосмислена поддршка за украинската земја и народ, за нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет, информира владината прес-служба.

Премиерот Шмахил, стои во соопштението, се заблагодари на нашата делегација предводена од премиерот Ковачевски за неизмерната поддршка што Република Македонија ја дава за Украина. Во разговорите премиерот Ковачевски посочи дека придржувањето кон активностите и политиките на ЕУ и на демократскиот свет, за нас како земја, значи застанување на вистинската страна, во вистински момент.

-Со денешното потпишување на договорите поврзани со слободната трговија и обезбедувањето храна, дополнително се зацврстува соработката меѓу двете земји. Потпишаните документи овозможуваат понатамошна либерализација на трговијата со земјоделско-прехранбени производи и на двете страни. Воедно, се овозможува бесцарински извоз, особено на свежото овошје и зеленчук и намалена царина при извоз и увоз на голем број прехранбени производи, истакнуваат од Владата.

Појаснуваат дека со овие дополнувања на Договорот за слободна трговија се постигнува многу поголема либерализација во врска со правилата за потекло. Ако досега за извоз во Украина се користеа само суровини од Македонија и Украина и обратно, а за извозот од нашата земја се користеа само суровини со потекло од Македонија и Украина, со овие нови правила ќе биде возможно да се користат и ЕУ суровини. Новиот Договор ќе овозможи користење на суровини од Украина при извоз во ЕУ и обратно, стои во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.