Активистите на еколошката Граѓанска иницијатива „Охрид SOS“ денеска испратија Отворено писмо до министерот за животна средина и просторно планирање, во кое укажуваат на противзаконското постапување од одредени лица на службени позиции.

Како што наведува „Охрид SOS“, овие лица со своето делување ја опструираат процедурата за прогласување на Охридското Езеро и Студенчишко блато за Рамсар заштитено блатно подрачје.

Граѓанската иницијатива посочува дека лицата Влатко Трпески (раководител на Одделение за биодиверзитет, Сектор природа, Управа за животна средина, МЖСПП), Александар Настов (раководител на Одделение за биодиверзитет, Сектор природа, Управа за животна средина, МЖСПП) и Бранко Мицевски (претседател на Македонскиот рамсарски комитет и редовен професор на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет), години наназад противзаконски и на штета на јавниот интерес го попречуваат прогласувањето на Студенчишко блато на Охридското Езеро за подражје што би било под посебна заштита како едно од најзагрозените низински блатни/водни живеалишта во земјата.

Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“, заедно со Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. уште во октомври 2017 година имаат поднесено формална иницијатива до МЖСПП за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко блато за Рамсар подрачје.

Од низата бесмислени преписки и бесполезни состаноци со гореименуваните, вклучително и пример на недолично однесување може многу лесно да се утврди дека сите горенаведени се ставија во функција на опструирање на постапката за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко блато како Рамсар подрачје за што претпоставуваме дека има неколку причини. Бранко Мицевски од позиција на стручен авторитет и претседател на МРК презентираше дезинформации во врска со Рамсарската номинација, како на пример: „недоволно податоци и потреба од дополнителни студии“, „податоците не смее да се постари од 10 години“, „непозната е вредноста на Студенчишко блато“, „Рамсарската конвенција се однесува само на живеалиштата на птици“, иако, дури и да нема ниедна птица, езерото и Студенчишко сепак би се прогласиле за Рамсар подрачје според останатите критериуми, посочуваат од „Охрид SOS“.

Активистите на „Охрид SOS“ во јули оваа година сами изработија детална апликација со номинација, што од страна на Рамсарскиот секретаријат е потврдена како комплетна, односно оти Охридско Езеро ги задоволува сите девет критериуми на Рамсар, така што шпреостанува само МЖСПП формално да го поднесе барањето, но тоа се уште не е сторено.

Дописот беше воедно испратен и до МЖСПП и МРК. Оттогаш поминаа пет месеци и апликацијата уште не е поднесена. Последно, во Нацрт-планот за управување со Охридскиот Регион стои нов, веќе четврти рок за исполнување на оваа обврска – крајот на 2020 г. за што ќе треба да се обезбедат милион денари, кои се апсолутно непотребни бидејќи апликацијата е бесплатна. Рамсарската апликација, повеќе од очигледно се опструира од клучните луѓе во процесот, посочуваат од „Охрид SOS“.

Рамсар номинацијата ќе додаде уште една заштитна бариера на Охридското Езеро и Студенчишко блато, оттаму што како што посочуваат од „Охрид SOS“, секој степен на заштита особено меѓународна, е од непроценливо значење за регионот поради огромниот ризик од негово целосно уништување доколку управувањето и мониторингот останат исклучиво во рацете на македонските институции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.